Според него, иако секојдневно се чистат депониите, за кратко повторно се отвараат и се затрупуваат со ѓубре.
„Деновиве ги чистевме депониите во селата Иловица, Штука, Моноспитово и Бориево, а денеска продолжуваме повторно.Проблемот со отпадот и депониите е многу голем и сериозен и потребна е поддршка од централната власт овој проблем да се реши. Неопходно е конечно да се стави во функција регионалната депонија и отпадот да се селектира и преработува. Вака само се вртиме во круг. Во секое село по неколку депонии, нема веќе каде да се носи ѓубрето. Се мачиме ние, се мачат и граѓаните. Не знам само до кога ќе се издржи вака. Ако работите не се сменат ни се заканува еколошка катастрофа, а проблемот ги надминува можностите и надлежностите на нашата општина“, вели градоначалникот Манчев.
Додава дека е потребна силна и решителна акција од државата, бидејќи депониите никнуваат секојдневно, а отпадот ниту некаде се носи, ниту се селектира. Како што вели Манчев, на местото на сегашните депонии со чистењето само се отвора простор за новиот отпад, а стариот стои и секојдневно се трупа.
Инаку, последниот обид за изградба на регионална депонија пропадна пред десет години кога дојде до фаза на избор на концесионер и утврдување на цената која требаше да ја плаќаат домаќинствата од десетте општини од Југоисточниот плански регион, а од 2019 година има иницијатива за изградба на нова.