Портпаролот на МВР Тони Ангеловски во изјава за медиумите рече дека немало обид за атентат врз Албин Курти. Тој рече дека безбедноста на Курти е утврдена според вообичаени правила и протоколи.
„Ве информираме дека при посетата на премиерот на Република Косово, Албин Курти, на Скопје, немало обид за атентат врз него. Што се однесува до безбедноста при посетата на премиерот Курти, таа е организирана според однапред одредени правила и безбедносни проценки “, рече Ангеловски.
Денеска РТК објави дека Албин Курти бил спроведен под строги безбедносни мерки за време на неговиот престој во Скопје, бидејќи имало информации за обидот за атентат врз него.
Премиерот на Косово, Албин Курти потврди дека имало закани кон него за време на неговиот престој во Скопје. Според него, заканите дошле „од поединци и структури кои имаат корени од официјален Белград“. Курти рече дека не се чувствувал загрозен, односно дека видел многу полициски сили кои се грижеле за безбедноста на состанокот на кој присуствувал.
Курти денеска присуствуваше на регионалниот состанок со Партијата на европски социјалисти (ПЕС), што се одржа во седиштето на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во Скопје.