среда, 6 ноември 2024
Брифинг на министерот за европски прашања

Муртезани: Уставните измени остануваат услов за почеток на преговорите по кластери

Уставните измени остануваат услов за почеток на преговорите по кластери, но неодбивањето на претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен на нашиот предлог значи дека се создава простор за потенцијално решение, истакна денеска министерот за европски прашања Орхан Муртезани на брифингот со новинари, на кој го претстави планот за спроведување на Реформската агенда за земјава, која вчера беше и официјално одобрена од страна на Европската комисија.

Објавено на

часот

Сподели

„И вчера на прес-конференцијата беше кажано дека тоа така стои, условот за уставни измени стои, промената се однесува на неодбивањето на претседателката на ЕК на нашиот предлог без при тоа да се конкретизира предлогот, меѓутоа неодбивањето значи дека се создава простор кој нас би можел да не води до потенцијално решение. Новината од вчерашната посета е тоа и мислам дека од вчера е конкретизирано дека таков простор постои и ќе се интензивира следната недела откако ќе завршат изборите во Бугарија“, истакна министерот Муртезани, одговарајќи на новинарски прашања.

Нагласи дека на вчерашната среба со Фон дер Лајен во Скопје се разговарало за две важни теми, уставните измени и Коридорот 8 и напомена дека настојувањето на македонската Влада било да не се дозволи натамошна билатерализација на процесот.

„За две важни теми разговаравме со Урсула фон дер Лајен, тоа се уставните измени и секако Коридорот 8.  Што се однесува до гаранциите нашето настојување, за кое веќе се има слух во Брисел и меѓу нашите партнери, е да не се дозволи натамошна билатерализација на процесот по уставните измени. Сите сме сведоци дека подготвеност за носење на уставните измени во Владата постои, меѓутоа ние сакаме да го обезбедиме процесот и откако ќе се отвори процесот да не трае вечно, бидејќи сметаме дека би биле крајно неодговорни ако мислиме дека постои таков ризик, мислам дека така само би направиле штета“, рече Муртезани.

За тоа како би се носеле уставните измени, брзо и без многу дискусија или подлабински би се навлегло во највисокиот правен акт, Муртезени вели дека менувањето на Уставот е согласно пропишаните процедури и напомена дека времетраењето не е никаков проблем, туку претходно треба да бидат сигурни дека таквите измени служат за членство во ЕУ, а не како што рече за дополнителна депресија на општеството и отворање можност да се добие четврто вето.

Во врска со предлогот на поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи за уставните измени рече дека е правно неиздржан. Османи предложи усвојување на уставните измени сега, а доколку во наредните пет години Бугарија продолжува да ја спречува земјава за работи кои немаат врска со ЕУ, Парламентот да има за право да ги суспендира уставните измени.

„Гледам дека опозицијата, односно конечно Бујар, откако замина во опозиција почна да станува креативен, добро е што стана креативен, нека нудат уште покреативно решение, меѓутоа нивното 22 годишно владеење не беше проследено со креативни решенија. Јас не сум  правник или уставен експерт, ама на една владина седница на која тоа беше разгледано мислам дека уставни експерти јасно кажаа дека таков механизам не може да се воспостави, што значи дека тоа е правно невозможно“, истакна Муртезани.

За одвојувањето на Македонија и Албанија и тоа што во албанското општество има причина за ентузијазам, а кај нас не, Муртезани вели дека и ние имаме причина бидејќи со Планот за раст на Западен Балкан, ЕУ и дава 750 милиони евра со крајно поволни услови за три години.

„Мислам дека ова е причина за ентузијазам, не треба да гледаме само нема уставни измени, ние сме блокирани и да бидеме во депресија. Уставните измени не се пречка за Реформката агенда, дури и ние ако сме супер успешни, тогаш ќе и правиме дополнителен притисок на Бугарија, бидејќи ние ќе бидеме супер подготвени, а Бугарија не кочи нерационално“, изјави Муртезани.

За очекувањата од новата бугарска влада вели дека од наша страна е изразена конкретна волја за воспоставување дијалог.

„Вие гледате дека во моментов ние немаме никаква комуникација со Бугарија, со која сме потпишале Договор за пријателство и добрососедство и сметаме дека првиот чекор е воспоставување на дијалог и создавање на простор, кој би не довел до потенцијално решение. Мислам дека не е само во наш инерес да станеме земја-членка на Унијата, туку и во интерес на Бугарија е нејзиниот прв сосед да биде членка на ЕУ“, додава Муртезани.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ