Неговата реакција е во обид да си ги заштити авторските права откако Владата најави реконструкција на зградата. Тој вели дека му било понудено да учествува во консултациите за реконструкцијата, но дека сè уште не им дал конкретен одговор на претставниците на владината служба за општи и заеднички работи. Авторот денеска доби поддршка и од Асоцијацијата на архитектите, која не се противи на обновата со оглед на тоа што забот на годините оставил траги на овој репрезентативен објект од седумдесеттите години на минатиот век.
„Не ја исклучуваме можноста да се реконструира објектот, но тоа не смее да се случи без консултација и без учество на авторот на делото. Авторските права не смее да се прекршат“, вели Даница Павловска, претседателка на Асоцијацијата на архитектите на Македонија.
Комората на архитектите сè уште нема изградено заеднички став во врска со најавената реконструкција на владиниот објект. Тоа, како што ни рекоа, ќе го направат идната недела откако ќе одржат состанок на Управниот одбор. Во отсуство на официјални реакции од здруженијата на архитекти граѓаните ја заоструваат расправата на социјалните мрежи – некои со навредливи коментари, а најревносни се шегобијците и засегнатите од понудените архитектонски решенија за обнова на објектот во барокен стил.
Граѓаните од вчера можат да го искажат своето мислење. Владината служба за општи и заеднички работи отвори анкета: идејни решенија за реконструкција на постојната фасада на објектот на Владата, во која може да учествуваат сите посетители на веб-страницата www.vlada.mk. На страницата се поставени фотографии и видеопрезентации на идеите за новата фасада. Реконструкцијата вклучува обновување, репарација и санација на прозорците и фасадата. На огласот, согласно со законот, конкурираа пет понудувачи.