сабота, 14 декември 2024

Муцунски е загрижен, се сомнева дека Фрчкоски го оштетил буџетот за илјадници евра

За поранешниот амбасадор Љубомир Фрчкоски имаме сериозни индиции за злоупотреба на јавни буџетски средства. Индициите укажуваат дека штетата е шест цифри во евра. Спроведена е внатрешна постапка во Министерството за надворешни работи (МНР) и ќе ги преземеме сите неопходни мерки, а понатаму ќе имаме обврска, да ги информираме релевантни институции од правосудството, но што ќе преземат тие излегува од наша надлежност и преминува во нивна надлежност, рече министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски на денешната прес конференција.

Објавено на

часот

Сподели

Одговорајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата во МНР, Муцунски напомена дека вакви ситауции не смеат да се повторуваат и најави максимално почитување на Законот за надворешни работи.

„Треба да му биде секому јасно дека од тоа што го видов сум загрижен. Вакви состојби не смеат да се повторуваат, посебно кога индициите укажуваат дека штетата е во шест цифри во евра. Не би можел конкретно да кажам колкава е во моментов, давам одредени информации кои смеам да ги споделам во оваа фаза, зашто тече процедурата. Беше спомнат и терминот тужба, и другата страна ќе има право да приложи свои аргументи и докази. Тоа што го видов е за одредени ноторни состојби, ноторни факти, но секој има право да ги даде своите аргументи“, рече Муцунски на прес-конференција.

Што се однесува до најавата на кој било дека ќе поднесе тужба против МНР или некој друг, тоа е, истакна Муцунски, негово право.

„Јас тука ништо не можам да спорам, но убеден сум дека откако МНР е раководено од моја страна внимаваме секогаш максимално да се почитуваат законите и процедурите, што, за жал, морам да констатирам, не било пракса додека ова министерство било раководено од мојот претходник. Најеклатантен пример е последното отповикување на генералниот конзул во Њу Џерси каде лицето било именувано на таа позиција спротивно од одредбите на законот. Таква пракса не смееме да дозволиме, треба да бидеме репер за почитување на законите“, рече министерот.

Муцунски подвлече дека некои дипломати редовно се отповикуваат, зашто им е истечен мандатот, но има и други случаи, како оние со Љубомир Фрчковски, Андреј Жерновски и Весел Мемеди.

„Има различни ситуации, една е онаа со поранешниот амбасадот Фрчковски кого го повикав на консултации, но не дојде и си даде оставка. Тој, по свој избор, веќе не е амбасадор во Обединетите нации (ОН). Имаме специфична ситуација и со амбасадорите Жерновски и Мемеди, така да ги именувам, која е сѐ уште во процедура, во комуникација меѓу МНР, Владата и претседателката, а има и ситуации на редовни отповикувања на амбасадори заради завршување на нивниот мандат“, рече Муцунски.

Тој најави дека најскоро што може ќе бидат пополнети сите клучни амбасадорски позиции, а во 2025 година, целта е да бидат пополнети и сите Дипломатско-конзуларни претставништва (ДКП).

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ