четврток, 27 февруари 2025

Муцунски бара предвидливост и решителност во евроинтегративниот процес на Македонија

Дваесет години на реформи, компромиси, често тешки и болни, но секогаш водени од визијата за европска иднина. Македонските граѓани останаа посветени на европските вредности и покрај предизвиците и разочарувањата на овој долг пат. Денес, повеќе од кога било, потребни се јасност, предвидливост и решителност во нашиот интегративен процес. Европа не смее да ја изгуби довербата на граѓаните кои две децении веруваат во европскиот проект, министерот за надворешни работи на Македонија Тимчо Муцунски по повод двете децении од добивањето на статусот кандидат за членство во Европската Унија на седницата на 23-от Мешовит парламентарен комитет меѓу Македонија и ЕУ, која денеска се одржа во Скопје.

Објавено на

часот

Сподели

Во своето излагање, министерот ја потврди целосната посветеност на Владата на процесот на европска интеграција, со засилен фокус на имплементацијата на клучните реформи.

„Во надворешната политика остануваме доследен партнер на ЕУ, со целосно усогласена заедничка надворешна и безбедносна политика. Нашата поддршка за Украина, учеството во санкциските режими и активната улога како НАТО-членка покажуваат дека не сме само набљудувач, туку чинител во градењето на европската безбедност. Како прва земја од регионот, потпишавме Партнерство за безбедност и одбрана со ЕУ – нова сеопфатна рамка за продлабочена соработка во оваа област“, рече Муцунски.

Тој ги истакна и добрососедските односи и регионалната соработка, при што потенцираше дека Македонија останува пример во регионот за градење на стабилни партнерства со соседите, со подготвеност за дијалог и заеднички решенија.

Муцунски ја изрази благодарноста за досегашната поддршка на Европскиот парламент и повика на уште поголема активност во следните години, со цел конкретни и одлучни чекори кон европската иднина на Македонија.

„Дваесет години сме кандидат за членство во ЕУ. Чекориме по пат што постојано се менува, станува потежок и помалку предвидлив. Но, ние не се откажуваме. Веруваме во Европската Унија, веруваме во европските вредности и веруваме дека нашето место е во европското семејство. Време е за одлуки, а не за нови одложувања. Време е зборовите да станат дела, а процесот на проширување да стане реалност“, рече Муцунски.

Тој го истакна и значењето на Мешовитиот парламентарен комитет меѓу Македонија и ЕУ како континуиран, посветен и силен поддржувач на евроинтегративните процеси на државата, кое дополнително придонесува кон развојот на соработката меѓу Собранието и Европскиот Парламент.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ