Што е главната цел на настанот и како Либералната мрежа на Југоисточна Европа (LIBSEEN) може да придонесе во забрзување на интеграцијата?
-Главната цел на настанот „Quo Vadis Europe“ е да се отвори дискусија за иднината на европската интеграција и соработка во контекст на брзите глобални промени и бројните предизвици со кои се соочува Европа. Настанот ја нагласува стратешката важност на регионот на Западен Балкан во иднината на Европа и има за цел да ги истакне начините како Европската Унија може да го забрза процесот на интеграција на овој регион.
За Северна Македонија, настанот е особено важен затоа што дава можност земјата да ја потврди својата посветеност на европските вредности и реформскиот процес. Во исто време, тоа е шанса да се зголеми видливоста на регионот во ЕУ, да се разменат идеи за надминување на кризите и да се поттикнат иновации и соработка кои ќе придонесат за економски и политички напредок на Балканот.
LIBSEEN е уникатна платформа која нѝ овозможува да ги обединиме либералните сили во регионот и да делуваме заедно. Одличен пример е заедничката иницијатива за поддршка на младите претприемачи и промоција на зелени политики, која покажува дека соработка меѓу партиите може да донесе реални промени. Исто така, преку нашите заеднички активности, бараме појасна поддршка од ЕУ за граѓанските организации и иницијативи кои ги поттикнуваат европските вредности.
Еден од панелите на конференцијата ќе биде на тема „Како да се вклучи Западен Балкан во ЕУ до 2030“? Какво е вашето мислење за реалноста на перспективата за пристапување на земјите од Западен Балкан во ЕУ до 2030 година?
-Западен Балкан има клучна улога во иднината на Европската унија, особено како регион со големо стратешко значење. Во контекст на актуелните кризи – енергетската нестабилност, миграциските текови и геополитичките предизвици, како што е војната во Украина – регионот се појавува како мост помеѓу истокот и западот на Европа.
Интеграцијата на Западен Балкан е важна за зачувување на стабилноста и безбедноста на ЕУ, но и за зајакнување на нејзината улога како глобален актер. Дополнително, со приклучувањето на Балканот, Унијата ќе испрати порака дека останува верна на принципите на проширување и солидарност.
За Северна Македонија и останатите земји од регионот, членството во ЕУ претставува можност за економски напредок, стабилност и институционални реформи. Сепак, ЕУ мора да покаже поголема посветеност и конкретни чекори во интегративниот процес, со цел да се спречи разочарувањето кај граѓаните и да се намали влијанието на надворешни нелиберални сили.
Мислам дека 2030 година може да биде историска цел ако сите чинители – и земјите од Западниот Балкан и земјите-членки на ЕУ – ја разберат важноста од проширувањето. За Северна Македонија, главниот предизвик е спроведувањето на суштинските реформи, особено во областа на владеењето на правото и борбата против корупцијата. Но, не треба да ги заборавиме ниту геополитичките предизвици, како руското и кинеското влијание во регионот, кое ја тестира европската перспектива на Балканот. Притисокот за внатрешни реформи е значаен, но исто толку важно е ЕУ да испрати јасна порака дека нè сака и нè поддржува.
Како ја гледате улогата на ЛДП во процесот на европската интеграција на земјава?
-ЛДП е партија која од своето основање е ориентирана кон европските вредности и демократскиот развој. Нашата стратегија е да ја поттикнеме политичката волја за реформи, и активно учество во реформите на правниот систем и поттикнување економска стабилност.
Секако, ние целиме преку нашите либерали од целиот свет да влијаеме на ЕУ во поглед на потребата од забрзување на процесот на евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан, со давање конкретни рокови, помош во решавање на билатералните спорови кои многу често се главна пречка за земјите од овој регион кои многу долго се во „чекалната“ на ЕУ и помош во исполнување на Копенгхашките критериуми.
Еве конкретен пример е 64-тиот Конгрес на Либералната интернационала кој се одржа неодамна во Сантијаго, Чиле, каде учествувавме како партија. Благодарение на нашиот ангажман и лобирање беше прифатен текстот на Резолуцијата на ЛДП во која јасно се укажува на недвосмислена поддршка за евроинтегративниот процес, односно негово продолжување и заокружување со сите земји членки од регионот, вклучително и Македонија. Она што е особено важно е што во документот доминира ставот дека ваквото зачленување треба да биде исклучиво врз Копенхашките критериуми и остро се осудува обидот за билатерализација на процесот. Нормално, ова значи и цврст стоење зад позициите на ЛДП кои што значат членство во ЕУ со почитување на посебниот македонски национален идентитет. Она што е исто така важно е што во текстот на оваа резолуција постои осудата за глорифицирање на одредени воени злосторници во сите учебници во регионот.
Либералната интернационала, нашите партнери од Европа и ЛДП остануваат посветени на реформите кои што на македонските граѓани ќе им обезбедат независен правосуден систем, владеење на правото, борба со корупцијата, но и нови економски мерки кои што ќе значат враќање повеќе пари во џебот на граѓаните
ЛДП често зборува за потребата од конкретни и итни реформи. Кои се вашите клучни предлози за забрзување на реформите што водат кон членство во ЕУ?
-ЛДП е целосно посветена на реформите што ќе ја приближат Северна Македонија кон членство во Европската Унија. Но, за нас, реформите не се само формален чекор кон ЕУ, туку реална промена која ќе донесе подобар живот за сите. Но за жал, тоа не секогаш добива поддршка од останатите политички партии. Вклучително и од оние со кои сме биле во коалиција. Затоа и не држат некои обвинувања и етикети кои дојдоа во последно време откако најавивме дека во Парламнтот ќе делуваме независно.
Во Парламентот делуваме независно и делувавме независно и во минатиот состав, бранејќи ја својата либерално-демократска политика и идеја, како и давајќи предлози за системски реформи на државата, за граѓаните. Другите партии секогаш ги преземале програмските решенија на ЛДП. Голем дел од програмата „Има Излез” денес е и државна политика односно дел од програмата на Владата и тоа не е грев, сѐ додека намерата е добра, односно идеите се имплементирани и од резултатите бенефит имаат граѓаните и државата.
Спомнавте дека некои ваши предлози не наишле на поддршка во Собранието, а денес се покажува дека биле исправни. На што конкретно мислите?
-Еве на пример, денес е актуелно незадоволството од работата на одделни градоначалници. А државата нема механизам тоа да се смени. ЛДП беше првата партија која што лани предложи измени на Законот за локална самоуправа и бараше можност, мотивирани од лошите менаџирања на одредени градоначалници, вклучително и градоначалничката на Скопје, да се врати одредбата која што постоела до 2002-рата година, со која граѓаните може да го отповикаат градоначалникот кој ја изневерил нивната доверба. Со ваквата можност граѓаните стануваат главен фактор како во давањето, така и во одзмеањето на јавната функција, со што се минимизира влијанието на партиите, од една, а се зголемува влијанието на електоратот врз избраните претставници, од друга страна. Кога знаат дека можат да бидат отповикани, избраните функционери ќе бидат фокусирани да работат повеќе во интерес на граѓаните.
Нашиот предлог лани не наиде на поддршка ниту од позицијата, ниту пак од опозицијата и една од главните причини зошто Скопје тоне во хаос, нехигиена и негрижа е токму несериозниот пристап и немањето одговорност пред оние кои ја дале својата поддршка на локалните раководства. По цела една година добро е што за оваа наша Иницијатива почнува да се разговара отворено и со политичка волја да се најде ефективно законско решение.
Исто така, на 28 април 2023 поднесовме предлог-измената на Кривичниот закон за зголемување на застареноста на делата за корупција. Не само што го изигнорираа предлогот, не само што безобзирно не го ставија на дневен ред за гласање, туку и сите сложно и преќутно ја намалија границата на застареност. А сега се покажа дека сме имале право, затоа што во меѓувреме „застарееа“ многу вакви кривични дела.
Корупцијата е најголемиот предизвик со кој се соочува нашата земја. ЛДП цврсто верува дека само со силни и независни институции можеме да се справиме со овој проблем. Затоа инсистираме на целосна независност на судството, транспарентност во имотната состојба на јавните функционери и зголемување на застареноста на кривичните дела за корупција.
Исто така, мора да има реална одговорност – никој не смее да биде изземен од законот. Наша обврска е да изградиме правен систем кој ќе гарантира правда за сите граѓани, бидејќи само така можеме да ја вратиме довербата во институциите.
Борбата против корупција бара висок степен на владеење на правото, правдата и правната држава. Да имаме независна Антикорупциска Комисија со утврдени надлежности, ќе може лесно да се утврди имотната состојба на судиите. Но, имотната состојба и судирот на интереси е едно, квалитетот и праведното судење се друго. Правда ќе има кога ќе имаме независно и квалитетно судство.
Кога секој ќе одговара еднакво пред законот, кога одговорноста нема да е само поим, туку ќе има конкретно име и презиме, кога кривичните дела на поединци нема да застаруваат, кога ќе се утврди изворот на неправда, кога начелото на фер и правично судење ќе биде на пиадесталот, тогаш ќе можеме да кажеме дека сме успеале во создавање независен правосуден систем и борба против корупцијата. Зашто, само со силни и независни правосудни институции можеме ефикасно да се избориме со најраспространетиот канцер во општеството- корупцијата.
Она за што се залага ЛДП е пред се врзано за подобрување на состојбите во државата во сите сфери, во интерес на граѓаните. Еве сега повторно го доставуваме во Парламентот предлогот за намалување на банкарските провизии. Нашиот предлог за измени на Законот за платежни системи и платни услуги и намалување на банкарските трошоци еднаш не доби поддршка, па ќе видиме како сега ќе реагираат партиите од новиот состав на Парламентот.
Велите дека во фокусот на делување на партијата е подобрување на состојбите во државата во сите сфери, во интерес на граѓаните. Кои сфери се во вашиот интерес на делување?
-Нашата партија е секогаш фокусирана на реалните проблеми на граѓаните. Секој предлог што го поднесуваме е воден од желбата да се подобри животниот стандард и да се создаде општество кое ќе нуди можности за сите. Граѓаните се соочуваат со многубројни проблеми и тие во суштина се главна причина за иселување на младите.
Во ЛДП, на пример, посветуваме особено внимание на младите бидејќи тие се двигатели на промените и иднината на оваа држава. ЛДП секогаш ги става младите во фокусот на своите политики. Работиме на креирање политики кои ќе овозможат младите да останат во земјата – преку поддршка на стартапи, олеснување на пристапот до образование и инвестиции во дигиталната трансформација.
Исто така, со оглед дека глобалните трендови се менуваат и новите генерациите живеат под поголем притисок, поголем стрес, а до тоа доведува и брзиот пристап до информации и социјалните мрежи, факт е дека голем дел од луѓето не можат да си дозволат психотерапија. Веруваме дека менталното здравје е еден од клучните предуслови за создавање здраво и просперитетно општество. Токму затоа ни треба измени на Законот за ментално здравје кој ќе гарантира бесплатни сесии за советување, но и јасно дефинирање на законскиот поим за ментално здравје кој засега ги третира само душевните и ментални растројства. Горда сум што, како партија, го поддржавме развојот на Националната стратегија за ментално здравје кај младите. Во насока на ова е и нашиот последен предлог за забрана на користење на Тик-Ток бидејќи ако порано слушавме и читавме дека оваа платформа и предизвиците кои ги формира, во светот доведоа до многу смртни случаи кај младите, денес сме сведоци дека истото почнува да се случува и кај нас.
Исто така предлагаме измени на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство. Во време кога жените од ден во ден трпат сѐ поголемо насилство, од клучна важност е на нив да им обезбедиме начин како да се заштитат себе си и блиските, затоа повикувам на поддршка од колегите пратеници од сите партии да гласаме за овој закон и да решиме еден голем системски проблем.
Како партија сме целосно посветени и на заштитата на животната средина. Ја формиравме Интерпартиската парламентарна група за заштита на природата и борба против климатските промени. Оваа група е платформа за надпартиска соработка со цел да се креираат реални решенија за проблемите со загадувањето и да се поттикнат зелени политики. Исто така, работиме на иницијативи за зелена енергија, управување со отпад и поддршка за рециклирање. Климатските промени не познаваат граници, и затоа сите мора да дејствуваме заедно, без разлика на партиската припадност.
Во ЛДП сметаме дека само со креирање на добри политики и олеснување на секојдневието на граѓаните, можеме да ја оправдаме довербата која граѓаните ни ја дале на изборите и со тоа истовремено да го трасираме патот кон ЕУ. Затоа време е сите заедно да ги надминеме нашите несогласувања. Наместо креирање конфликти и раздор помеѓу луѓето, да понудиме заеднички решенија и алтернативи од кои бенефит ќе имаат сите, а најмногу младите луѓе, кои во потрага по европски стандарди и поквалитетен живот секодневно ja напуштаат нашата држава.
З.П.