среда, 4 декември 2024

МОН објави конкурс за 3000 студентски стипендии и потсетува за пријавување за студентски оброк

Министерството за образование и наука информира дека e објавен конкурсот за доделување 3000 студентски стипендии за академската 2024/2025 година. Исто така, од МОН потсетуваат за рокот за пријавување за студентски оброк, од 1 до 5 ноември.

Објавено на

часот

Сподели

За редовни студенти од социјалните категории се наменети 1470 стипендии. За студентите од научните подрачја на техничко-технолошките науки, биотехничките, општествените и хуманистичките науки, кои постигнале висок успех во текот на студиите, предвидени се 770 стипендии, додека 85 стипендии се обезбедени за студенти запишани на студиски програми по информатика.

По 15 стипендии се наменети за студентите запишани на студиски програми по македонски јазик, македонска книжевност и јужнословенски книжевности; студиски програми по историја на уметност, археологија, ликовна уметност и етнологија и антропологија; студиски програми за преведување и толкување од македонски на албански јазик и обратно.

Предвидени се 500 стипендии за студентите запишани на студиски програми од научните подрачја на природно-математичките, техничко-технолошките, биотехничките и/или медицинските науки и кои постигнале просечен успех од првата до тековно запишаната студиска година најмалку 7,65.

Вкупно 130 стипендии ќе користат студенти запишани на студиски програми по хемија, физика, математика, земјоделските, ветеринарните и шумарските науки, а 30 стипендии се наменети за студенти кои се запишат во прва година на студиски програми на високообразовни установи за образование на наставен кадар во предучилишното воспитание, основното и средното образование.

Сите категории на стипендии се доделуваат за девет месеци во текот на студиската година и во износ од 6.050 денари, со исклучок на стипендиите за студиските програми по хемија, физика и математика, како и за земјоделските, ветеринарните и шумарските науки кои изнесуваат 18.000 денари месечно.

„ Министерството за образование и наука ги повикува сите студенти да ги разгледаат условите и критериумите наведени во конкурсот и доколку ги исполнуваат за одредена категорија на стипендии, да ги поднесат потребните документи. Дозволено е аплицирање само за една категорија на стипендии“, информира МОН.

Аплицирањето е исклучиво електронски преку порталот e-uslugi.mon.gov.mk, а рокот е заклучно со 15 ноември 2024.

Министерството за образование и наука потсетува и дека од 1 до 5 ноември е отворен рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2024-2025 година. Сите студенти кои ги исполнуваат условите, а не аплицирале до сега, може да се пријават електронски преку порталот https://e-uslugi.mon.gov.mk/.

Финансиската поддршка изнесува 140 денари и е наменета за купување храна, која студентите може да ја користат од понеделник до сабота, кај правни лица кои произведуваат, подготвуваат или продаваат храна.

На линкот https://mon.gov.mk/content/?id=8727 се наведени условите и критериумите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ