Од 101 пратеник, 56 ја поддржаа мерката на гласање нешто по полноќ, по повикот на премиерот Дорин Речан за воведување вонредна состојба за да се обезбеди потребниот гас за молдавскиот сепаратистички регион Придњестровје.
Тоа беше гласање за ставање крај на „гасната уцена“ од Москва, рече тој.
Имено, прогласувањето вонредна состојба ѝ овозможува на владата брзо да реагира и да го ограничи извозот на енергија.
Како што пишува Ројтерс, Молдавија добива руски природен гас преку Украина, која соопшти дека нема да го продолжи транзитниот договор со рускиот гасен гигант Газпром. Договорот истекува на 31 декември 2024 година.
Речан тврди дека рускиот претседател Владимир Путин „сака да го остави населението на Придњестровје без гас и струја и да ги држи како заложници. Москва го прави тоа за да ја дестабилизира ситуацијата во Молдавија“, рече тој.
Молдавија добива околу две милијарди кубни метри гас годишно од Русија, а од 2022 година е во сила договор целиот руски гас да оди во Придњестровје.
Придњестровје, кое нема меѓународно признание, во вторникот прогласи сопствена економска вонредна состојба.
Речан рече дека прашањето за транзит низ Украина е „вештачки проблем“ бидејќи рускиот гас може да се движи низ други рути.
Испораките, сепак, би можеле да бидат дискутабилни бидејќи Газпром во разговорите го поврза продолжувањето на испораките преку алтернативни патишта со своите барања Молдавија да го плати долгот за минатите испораки, кој според руските пресметки изнесува 709 милиони долари, забележува Ројтерс.