Културната дипломатија е вид на јавна дипломатија и мека моќ, која вклучува размена на информации, идеи, уметност, јазик и други аспекти на културата меѓу нациите и граѓаните, со цел меѓусебно разбирање и доверба. Целта на културната дипломатија е луѓето од друга нација (држава) да развијат разбирање за идеалите и институциите на другата нација во настојувањето да придобијат широка поддршка во економските и политичките цели.
Културната дипломатија често се занемарува, иако таа игра важна улога во воспоставувањето на меѓународниот дијалог, дури понекогаш и во остварувањето на националната безбедност.
Културната дипломатија им помага на земјите да го изградат и утврдат својот имиџ во светот. Преку промоција на својата култура, образование, и научни постигнувања, земјите може да го подобрат својот статус и влијание во меѓународната заедница. Моќта и влијанието имаат политичка димензија и можат да се користат како синоними.Таа настојува, искористувајќи ги елементите на културата, да ги поттикне странците да имаат позитивно мислење за народот, културата и политиката на земјата, да поттикнат поголема соработка помеѓу двата народи, да помогнат во промената на политиката или политичкото опкружување на целната нација, да спречат и ублажат во некои случаи евентуални судири.
Културната дипломатија ги користи сите аспекти на културата на нацијата: уметностите како што се музиката, сликарството, скулптурата, филмот; изложбите, книжевноста (основање библиотеки во странство, превод и издавање на популарни дела на домашни автори); уметнички, научни и образовни размени; емитување на културни програми на медиумите и социјалните мрежи.
Културната дипломатија во национален контекст
Културната дипломатија (Меѓународната културна соработка) на Република Македонија претставува значаен дел од севкупната соработка што нашата земја ја остварува со странство, согласно нејзините основни принципи – почитување на културната разноликост, отвореност кон другите култури и подготвеност на интеркултурен дијалог преку размена на културни содржини и реализација на заеднички проекти и програми, како на билатерален, така и на мултилатерален план.
Културната дипломатија, во рамките на поранешната СФРЈ, се реализираше преку Републичката комисија за културни врски со странство на Социјалистичка Република Македонија. Републичката комисија како посебно правно тело ги вршеше работите кои се однесуваа на одржувањето, развивањето и унапредувањето на меѓународната соработка на Македонија во областа на културата, образованието и науката, го следеше развојот на културната соработка на тогашната СФРЈ со странство, како и соработката на републичките органи и организации со одделни држави, како и соработката со меѓународните организации и ги координираше активностите во оваа област.
Некогашната комисија за културни врски со странство имаше широк обем на активности, кои и од денешен аспект можат да бидат третирани како културно-дипломатски. Имаше ингеренции да предлага културна програма за презентација на македонската култура во странство и да биде домаќин на меѓународни настани во Републиката.
Од осамостојувањето на нашата држава до денес, улогата за креирање, развој, поддршка и реализација на меѓународната културна соработка (културната дипломатија) ја презеде Министерството за култура преку Секторот за меѓународна соработка и соработка со УНЕСКО, во чиј состав влегоа поголем дел од вработените на некогашната Републичка комисија за културни врски со странство.
За постигнување на резултати во културната дипломатија, неопходен е долгорочен план или стратегија. Нашето Министерство за култура изготвува Национална стратегија за развој на културата и стратешки план за периодот 2023-2027, но, немаме изготвено Национална стратегија за културната дипломатија, во која треба да се вклучат и други области и институции, кои имаат влијание и улога во креирањето на една долгорочна осмислена стратегија за унапредување, делување и примена на културната дипломатија.
Пример за добри практики се нашето учество на престижните меѓународни културни манифестации, како што се учеството на меѓународните филмски и театарски фестивали, саеми на книги, Венецијанското биенале, групните или самостојни изложби на современите уметности, деновите на македонската култура во странство, фолклорни фестивали, меѓународни саеми на туризам и др.
Исто така големо влијание имаат и домашните меѓународни манифестации, како што се Струшките вечери на поезијата, Мајските оперски вечери, Скопскиот џез фестивал, Фестивалот Охридско лето, Фестивалот на филмската камера Браќа Манаки, Танц фест, Балкански фолклорен фестивал, Семинарот за македонски јазик и др.
Нашиот највреден ресурс во културната дипломатија се сепак уметниците, кои со своето творештво постигнуваат значајни лични меѓународни успеси, но, во исто време ја промовираат и претставуваат земјата и нејзините институции. Сепак, врз нивното творештво може, но, и не мора да има влијание доминантниот/политички концепт за културната диппломатија, особено кога недостасува стратегиски или систематски пристап на национално ниво.
Во таа насока, Владата на Република Македонија од 2007 година доделува почесна титула Амбасадори на културата на истакнати наши уметници кои живеат и делуваат во странство и со својата работа и творештво ја промовираат Македонија и нашата култура, и создаваат можности за воспоставување на меѓународна соработка со земјата во која живеат (нпр. Милчо Манчевски – режисер во САД, Горан Стефановски – драматург во Велика Британија, Владо Јаневски – естраден уметник во Хрватска, Иво Трајков — режисер во Чешка, Зафир Хаџиманов – естраден уметник во Србија, Благој Нацоски — тенор во Италија, Елена Мисиркова Лоза – пијанистка во Австрија, Снежана Пановска – пијанистка во Малезија и Иван Поповски – режисер во Русија).
Важно е да се одбележи и членувањето на нашата држава во меѓународните организации како што се Организацијата на Обединетите нации за наука, образование и култура – УНЕСКО, Советот на Европа, Франкофонијата, Меѓународната фондација Форумот на словенски култури, како и членувањето на нашите еснафски здруженија во соодветните меѓународни организации од А категорија, кои директно се поврзани со УНЕСКО како што се ИКОМ – Меѓународниот совет на музеите, ИКОМОС – Меѓународниот совет за споменици и локалитети, ИККРОМ – Меѓународниот центар за студии по конзервација и реставрација на културни добра, и други.
Национална стратегија за културна дипломатија
Бидејќи културата е интерсекторска, доколку се подготвува Национална стратегија за културна дипломатија, покрај надлежните институции (како Министерството за култура, Министерството за образование и наука, Министерството за надворешни работи, Mинистерство за информатичко општество и администрација, Агенцијата за млади и спорт и др.), во работната група треба да бидат вклучени и претставници на научната и образовната дејност, реномирани уметници и културни работници кои имаат искуство во меѓународната соработка и искусни личности/промотори од медиумите и туризмот.
Како личност која професионално работела 40 години во културата и меѓународната културна соработка, а 20 години како Генерален секретар на Националната комисија за УНЕСКО, сметам дека во идната стратегија треба да се земе предвид следното:
- Во македонските амбасади, особено во државите кои се земји домаќини на значајните меѓународни организации и се светски културни и политички центри на делување, да се пратат и Аташеи за култура (на пример нашата Амбасада во Париз ја покрива соработката со Франција, земјите на Бенелукс, УНЕСКО и Франкофонијата, а Париз е и светска културна метропола). За жал ние моментално немаме ваков профил на дипломати;
- На Академијата за идни дипломати која делува во рамки на Министерството за надворешни работи, да се вклучат предавања за културната дипломатија, со посебен акцент на важноста на културата и културното наследство;
- Да се определат повеќе консултативни средби со нашите Амбасадори на културата кои Министерството за култура би можело да ги организира и онлајн, но, барем еднаш годишно и во татковината, со цел размена на информации, предлози за идни партнерства со личности, институции, приватниот сектор и слично, на предлог на Амбасадорите;
- На државните универзитети да се иницира акредитација на студиска програма од втор циклус (постдипломски) универзитетски студии по културна дипломатија;
- Да се развијат и имплементираат соодветни едукативни содржини за значењето на културното и природното наследство во курикулумите за основно и средно образование, со цел кај младите да се создаде љубов, но, и одговорност за чување на своето културно и природно наследство, како и знаење достојно да ја претставуваат својата татковина при евентуални образовни размени со други земји;
- Да се поддржуваат младите уметници, спортисти, гејмери кои учествуваат на меѓународни натпревари, обуки и други видови на меѓународна размена, како финансиски, така и со обезбедување на промотивни материјали за државата;
- Да се обрне поголемо внимание и обезбедување на повеќе финансиски средства за Лекторатите за македонски јазик и литература, со цел отворање на нови лекторати и збогатување на нивната програма;
- Важечките билатерални договори за културна соработка склучени помеѓу Македонија и другите држави да бидат достапни на институциите и невладиниот сектор со што би биле информирани при потпишување на нивни договори за соработка со соодветни институции и здруженија, повикувајќи се на членот од актуелниот договор (Билатералните договори можат да бидат ставени на официјалната веб страна на Министерството за култура);
Од сето горе наведено, сметам дека културната дипломатија има голема улога за целокупниот впечаток за нашата држава во странство. Kултурната дипломатија може да ја позиционира земјата високо во меѓународен контекст.
Културата меѓу државите гради мостови, но, може и да ги сруши. Во многу ситуации кога дипломатијата не успеала да вроди со резултати, културата, уметноста, науката и образованието постигнале значајни ефекти. Важно е секоја држава постојано да праќа порака што прави нејзиното национално битие, нејзината култура.
За секој напредок неопходни се финансиски средства. Затоа средствата кои се одвојуваат од државниот буџет наменети за културата и воопшто културната дипломатија не треба да се сфаќаат како трошок или донација, туку како инвестиција.
Лидија Топузовска