„Подгорец, преку магринализираниот Таруно ја отвора темата за културата која треба да претставува и начин на кој различните потчинети групи се соочуваат и се борат против нивната потчинетост. Подгорец во духот на тоа познато југословенско братство и единство, но и во духот на еден македонски интеркултурализам вграден и во самиот Манифест на Крушевската република, ја промовира и идејата за културата која повеќе не се смета за сфера на вонвременски и универзални духовни богатства достапна само на малкутемина „културни“ наспроти „некултурното“ мноштво, туку ваквата елитистичка поделба се посматра како длабоко поврзана со другите поделби во општеството, како што се: класните, родовите, етничките…“, посочува Мојсова-Чепишевска.
Според неа, Подгорец многу отворено зборува за другиот и воопшто за другоста уште пред таа да стане предмет на посебен културолошки и книжевно-теориски интерес, имајќи ги предвид деконструкцијата на Жак Дерида, анализата на моќта на Мишел Фуко, како и ориентализмот на Едвард Саид од крајот на минатиот и почетокот на овој век.
„Подгорец пишува без да теоретизира! Создава приказни кои го имаат во себе мултикултуралното општество со сите свои слабости и придобивки. И отворено укажува на културната разновидност на тоа општество. Но, се обидува преку емотивната исповед на малиот Таруно да го покаже и патот по кој една мултикултурна средина може да прерасне во интеркултурна, средина која треба да имплицира постојана динамика и жив дијалог. Подгорец не можеше да ги чита ни Дерида, ни Фуко, а ни Саид. Ама интуитивно ги применуваше нивните теории. Пишувајќи, како што вели Миодраг Друговац, „лесно и брзо“, „тој со сиот свет е на ‘ти’, како со универзумот на својата фантазија. (…) тој, всушност, е романтичар по дух, какви што се сите добри писатели за деца“, нагласува Мојсова-Чепишевска.
Во рефератот, таа направи паралела меѓу „Белото Циганче“ на Видое Подгорец и „Грдото пајче“ од Ханс Кристијан Андерсен.
„Навистина, Подгорец не ги читаше ни Дерида, ни Фуко, ни Саид. Но го знаеше ли ‘Грдото пајче’ на Ханс Кристијан Андресен? Бидејќи при читањето на некои описи од ‘Белото Циганче како да се слуша некое далечно ехо на Андерсеновиот стил на (рас)кажување… …Или нивната блискост е заради блискоста што тие двајцата ја имаат со самиот модел на народното (рас)кажување? Зашто дихотомијата црно – бело (грдо – убаво / отфрлено – прифатено) од романот на Подгорец може да се доведе во дијалог со дихотомијата грдо – убаво (црно – бело / отфрлено – прифатено) од приказната на Андресен. Или, можеби и кај двајцата се работи за позната матрица која добива нова визура преку нивните приказни за белото Циганче и грдото пајче“, посочи професорката, по што ја елаборираше компаративната анализа меѓу двата книжевни текста.
Несомнено, „Белото Циганче“ го отвора прашањето на формирањето на етничкиот идентитет.
„Незнаењето е најголемата закана на модерното општество. Токму тоа најчесто води кон нетолеранција, конфликт и војна. Токму преку книгите треба не само да им помогнеме на децата да ги разберат луѓето различни од себе во начинот на нивниот изглед, јазик, однесување, вредности и храна, туку треба да им помогнеме да согледаат дека разликите меѓу луѓето не се лоши, заклучува Марија Тодорова. А, овој труд, како мал обид најпопуларниот роман за деца „Белото Циганче“ од Видео Подгорец да го доведе во релација со сказната „Грдото пајче“ од Ханс Кристијан Андерсен, сака да ја истакне и мислата дека: „Злото не е црно, но и доброто не е секогаш бело“, поентира Мојсова-Чепишевска во завршницата на рефератот.