„Проектот за изградба на покривна конструкција над рамната тераса беше првично планиран за реализација во 2022 година, со цел трајно решавање на долгогодишните проблеми со протекување, кои се јавуваат при секој пообилен дожд. Според стручни проценки, како резултат на несоодветното одржување во изминатите години, бетонските, хидроизолационите и термичките слоеви на подлогата се значително оштетени, што наложува целосна реконструкција и замена на рамната подлога“, се наведува во соопштението на МНР.
Оттаму велат дека изработката на основниот проект започнала кон крајот на 2022 година, а буџетските средства биле обезбедени во 2023 година.
„Сепак, поради претседавањето на Македонија со ОБСЕ и обемните обврски на министерството, вклучително и организацијата на Министерскиот совет во ноември 2023 година, изградбата беше одложена за 2024 година. Со оглед на парламентарните избори во 2024 година, проектот беше дополнително пролонгиран за втората половина од годината, со делумно финансирање од редовниот буџет за 2024 година, додека преостанатиот дел ќе се реализира во 2025 година. По завршувањето на градежните активности, во буџетот за 2026 година се предвидени средства за поставување фотоволтаични панели, во согласност со заложбите за енергетска ефикасност и одржлив развој“, велат од МНР.
Во соопштението се додава дека проектот нема никаква поврзаност со „Скопје 2014“ и неговата единствена цел е санација на објектот, со што ќе се превенираат идни поплави и оштетувања на зградата. Дополнително, јавната набавка е целосно спроведена во согласност со важечките закони и процедури.
Од Министерството ги повикуват надлежните институции да постапат доколку постои сомнеж за евентуално незаконско постапување.
„Воедно, ја повикуваме СДСМ јавно да се извини за дезинформациите изнесени во јавноста. Доколку тоа не се случи, ќе бидеме принудени да поведеме постапка за утврдување на клевета и нарушување на угледот на министерот за надворешни работи и институцијата со која тој раководи“, велат од МНР.
Партијата СДСМ на прес-конференција обвини дека Министерството за надворешни работи и надворешна трговија потпишало договор за изградба на челична настрешница во вредност од речиси 550.000 евра со градежната компанија „Пирамид билдинг солушнс“, која била единствен понудувач и блиска до министерот Тимчо Муцунски, бидејќи, како што велат од партијата додека бил градоначалник на Општина Аеродром таа добила 11 тендери, вредни два милиони евра.
„Ја разоткриваме мрежата на министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски кој го оживува проектот Скопје 2014 за повторно испумпување на пари од буџетот заедно со нови тендери од унгарскиот кредит. Според достапните информации, Министерството за надворешни работи потпишало договор за изградба на челична натстрешница во вредност од речиси 550.000 евра. Со ова, Муцунски ја означи новата ера на кражби од проектот Скопје 2014 на ВМРО-ДПМНЕ, кој светските медиуми го нарекоа ‘најголемиот коруптивен проект во Европа’, рече на денешната прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.