четврток, 12 декември 2024

Многу планови малку конкретни чекори за еколошка РЕК Битола

Иако Македонија веќе чекори кон зелена транзиција преку инвестиции во обновливи извори, главен извор на базна енергија во земјава сè уште се термоелектраните (ТЕЦ) Битола и Осломеј. Македонските термоелектрани немаат целосно исполнето ниту еден услов од законодавството за големи согорувачки инсталации, иако уште од почетокот на 2018 година требаше да бидат усогласени со граничните вредности на емисии во воздухот. Дополнителен проблем е што термоелектраните немаат ниту континуирано мерење на емисиите, нешто што требаше да биде исполнето уште пред 2018 година, велат екологистите за МКД.мк во одговорите што ги добивме за тоа дали РЕК Битола ги исполнува еколошките стандарди за работа. За да исполни еколошките стандарди, велат тие, комбинатот треба да биде целосно усогласен со европското законодавство за контрола на емисиите од големите индустриски инсталации. Во првиот дел од серијата написи за рабоата на РЕК Битола, МКД.мк се осврна на состојбата и условите за работа на овој рударско-енергетски комбинат.

Објавено на

часот

Сподели

Активностите што РЕК Битола треба да ги преземе се многубројни и вклучуваат намалување на емисиите на загадувачи во воздухот, третман на отпадните води, намалување на загадувањето од рудниците, согласни се и експертите и надлежните институции.

РЕК Битола не работи целосно според еколошки стандарди

Давор Пехчевски, координатор за енергија за Балкан од ЦЕЕ Бенквоч мрежата вели дека моментално и во изминативе неколку години, РЕК Битола е еден од најголемите загадувачи со сулфур диоксид во Европа. Дополнително, објаснува тој, и загадувањето со ситна прашина (ПМ-честички) е далеку над дозволеното.

Според Пехчевски, за да ги исполни еколошките стандарди, РЕК Битола треба да биде целосно усогласена со европското законодавство за контрола на емисиите од големите индустриски инсталации.

„Ова пред сѐ значи намалување на трите клучни загадувачи до граничните вредности утврдени со Директивата за индустриски емисии – сулфур диоксид, азотни оксиди и прашина. Во практиката, тоа значи дека електраната треба да има постројка за десулфуризација на јагленот за да се намали загадувањето со сулфур диоксид, што е голема и скапа интервенција и за ТЕЦ Битола веројатно би чинела околу 150 милиони евра. Дополнително, треба да има нов електростатски филтер за прашина и да се реконструира едниот од котлите за да се намалат емисиите на азотни оксиди, што се дополнителни неколку десетици милиони евра. Другите интервенции не се толку финансиски обемни, но се подеднакво важни“, вели Пехчевски.

Од Министерството за енергетика признаваат дека во изминатиот период не се направени значајни чекори за намалување на загадувањето во РЕК Битола, но, како што велат оттаму за МКД.мк, сегашното раководство ова го поставува како приоритет.

„Во тек е план за технолошка модернизација и значително намалување на штетните емисии, преку замена на електростатските филтри, да се намалат емисиите на штетните честички и прашина во гранични вредности и да се исполнат европските стандарди и регулативи. РЕК Битола е всушност и еден од нашите најголеми приоритети во периодот што доаѓа. Една од целите ќе ни биде модернизација на комбинатот во техничко-технолошка смисла. Еколошките проекти вклучуваат изградба на топловод до Битола, со што граѓаните ќе добијат алтернативен и еколошки прифатлив начин за затоплување“, велат од Министерството за енергетика.

Пехчевски објаснува дека Македонија има стратегиска определба да престане со користењето јаглен до 2029-2030 година, и таа е заснована на реалната потреба да се трансформира енергетскиот систем.

„Дополнително, нашиот енергетски систем треба да биде целосно декарбонизиран до 2050 година, односно да не се користат никакви фосилни горива, вклучително ни гас. Доколку се земе и финансискиот аспект и ризикот од заглавени инвестиции, одамна помина времето кога гасот беше исплатлива алтернатива за замена на лигнитот. Во моментов единственото решение е целосно да го смениме начинот на кој размислуваме за тоа како треба да изгледа енергетскиот систем од иднината, и да се фокусираме само на обновливи извори на енергија“, препорачува Пехчевски.

Многу сомнежи за еколошки криминал, нула еколошка правда

Кривичниот законик предвидува 16 кривични дела посветени на животната средина во главата 22, насловена Кривични дела против животната средина и природата. Меѓу нив е и членот 218, кој го регулира загадувањето на животната средина и природата.

„Тој што со непридржување кон прописите за заштита и унапредување на животната средина ќе загади воздух, почва, вода, водна површина или водотек во поголем обем или на пошироко подрачје и со тоа ќе предизвика опасност за животот или здравјето на луѓето или уништување на животинскиот или растителниот свет во поголеми размери, ќе се казни со затвор од четири до десет години. Службено или одговорно лице во правно лице кое со непридржување кон прописите за заштита на животната средина ќе пропушти да постави уреди за пречистување или ќе дозволи изградба, пуштање во дејство или користење на погон кој ја загадува животната средина или на друг начин ќе пропушти преземање мерки за спречување или оневозможување на загадување на воздух, почва, вода, водна површина или водотек кое ја надминува дозволената граница или за спречување бучава што значително ја надминува дозволената граница и со тоа ќе предизвика опасност за животот или здравјето на луѓето или уништување на животинскиот и растителниот свет во поголеми размери, ќе се казни со казна затвор најмалку пет години, Ако делото од овој член го стори правно лице, ќе се казни со парична казна“, предвидува Кривичниот законик.

Ако делото е сторено од небрежност, сторителот ќе се казни со парична казна или со затвор до три години. При изрекувањето условна осуда, судот може на сторителот на делото да му наложи услов во определен рок да ги преземе пропишаните мерки за заштита и унапредување на животната средина.

Во оваа смисла, Македонското здружение на млади правници (МЗМП) во септември 2020 година поради континуираното аерозагадување, поднесе тужба пред Основниот суд Битола против Владата, Министерството за животна средина и просторно планирање и Општина Битола за утврдување на повреда на правото на здрава животна средина, правото на здравје, право на приватност на личен и семеен живот и неповредливоста на домот и преземање мерки.

Со тужбата се бара утврдување дека тужените ги повредиле правото на здравје, правото на здрава животна средина, на приватност на личниот и семејниот живот и правото на неповредливост на домот затоа што во периодот од 2007 до 2019 година не ги презеле неопходните мерки и активности според законските должности за справување со аерозагадувањето и редуцирање на ПM10-честичките во воздухот.

Здружението побара да се утврди и дека од 2017 до 2019 година не се преземени неопходни мерки за да не се надминат граничните вредности на ПM 2,5-честичките.

„Со тужбата исто така, се бара ревидирање на законските и подзаконските акти за постигнување хармонизација на националната легислатива со директивата на ЕУ 2008/50/ЕК, овозможување систем на непречена размена на податоци, воведување казни на централно и локално ниво поради неусогласеност со целите и политиките за квалитет на воздухот, да се подобри мрежата за мониторинг на квалитетот на воздухот преку соодветно релоцирање на мерните станици и нивно постојано сервисирање и одржување, да обезбеди буџет за работењето на мерните страници и други мерки за подобрување на квалитетот на амбиентот воздух“, појаснуваат од МЗМП.

Една година претходно, Основното јавно обвинителство (ОЈО) Битола до Основниот суд во Битола поднесе обвинение против директор во РЕК Битола и против компанијата ЕСМ за кривично дело загадување на животната средина и природата, соопшти Јавното обвинителство во почетокот на септември 2019 година.

Според обвинителството, во периодот од јануари 2015 година до 7 февруари 2017 година на обвинетиот директор на РЕК Битола му било доверено извршување на законските и подзаконските прописи за управувањето, користењето и располагањето со имотот, раководењето со производствениот потфат и надзорот, од име и за сметка на обвинетото правно лице ЕСМ.

„Но притоа тој не се придржувал кон прописите за заштита на животна средина и дозволил користење погон што ја загадува животната средина, па спротивно на член 6, член 13, член 14 и член 15 од Законот за заштита на животната средина, дозволил отпепелувањето на пепелта што се добива во процесот на производство на електрична енергија од јаглен во РЕК Битола на одлагалиштето за пепел да се спроведува без да се почитуваат утврдените правила и процедури за навремено покривање на пепелта со јаловина со континуирано и постојано работно ангажирање на потребната механизација на одлагалиштето“, информираше тогаш Јавното обвинителство.

Оттаму уште соопштија дека и покрај тоа што секторот за отпепелување при РЕК Битола постојано барал ваква механизација, како директор на РЕК Битола обвинетиот не презел мерки за непречено обезбедување на механизацијата на самото место.

„Како резултат на тоа, на одлагалиштето во наведениот период биле одлагани големи количества непокриена пепел, кои во март 2017 достигнале површина од 50.000 квадратни метри. При воздушни струења пепелта се разлетувала во околината, со што е предизвикана опасност за животот и здравјето на вработените во РЕК Битола и луѓето што живеат во населените места околу РЕК Битола. Имено, летачката пепел што се создава со согорување на јагленот содржи сулфур диоксид, азот диоксид и тешки метали чие вдишување предизвикува влошено респираторно и кардиоваскуларно здравје на населението што работи и живее во близина на термоелектраните како РЕК Битола“, информираше Јавното обвинителство.

Пет години подоцна Основниот суд Прилеп донесе ослободителна пресуда за обвинетиот тогашен директор на РЕК Битола ослободувајќи го од вина за загадување на животната средина и природата.

„Во конкретниот случај од изведените докази во текот на постапката надвор од разумно сомневање не се докажа дека обвинетиот Ј.К. од Б. го сторил кривичното дело што му се става на товар со обвинението“, пишува во образложението на пресудата.

Минатата недела Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) изврши инспекциски надзор во РЕК Битола во однос на законските обврски согласно со дозволата за усогласување со оперативниот план, извештај од мониторинг на квалитетот на амбиентниот воздух на три надворешни локации.

„Подружницата за време на надзорот беше во работен процес, со функционирање на два блока. Пред инспекцискиот надзор беше одржан состанок со раководните структури со цел запознавање со моменталната состојба, работењето, плановите до крајот на 2024 и 2025 година и предизвиците и обврските во однос на заштитата на животната средина и обврските по дозволата заклучно со 2026 година и плановите за целосно усогласување согласно со роковите од неа. Инспекциските надзори продолжуваат континуирано во сите подружници на ЕСМ“, информираа кусо од ДИЖС.

Водородот е можно решение, но сега тоа не е реална опција

Водородот е нешто што многу често се спомнува во енергетските кругови, но во моментов тоа не е реална опција, вели Пехчевски анализирајќи ги можните решенија за намалување на загадувањето што го врши РЕК Битола. Тој појаснува дека првата електрана што е приспособена да користи водород во иднината беше пуштена во употреба летово, но и таа во моментов е спремна да користи комбинација од 75 отсто гас со 25 отсто водород.

Пехчевски вели дека е жално што во моментов Македонија има на располагање изобилство од исплатливи технологии за искористување на обновливите извори, како и од деградирани локации што може да се искористат за да се задоволат енергетските потреби на државата, а упорно се заглавува или во продолжена употреба на фосилни горива, или се надева на неиспитани и неисплатливи технологии како водородот.

„Теоретски е можно да е префрлена да работи само на водород, но и самиот оператор изјавува ’само во случај кога водородот е лесно достапен’, што може и никогаш да не се случи на нивото на кое е потребно за тој да игра значителна улога во енергетиката. За да може да се користи водородот како енергенс во декарбонизиран енергетски систем, тој треба да е целосно произведен со употреба на обновливи извори на енергија, односно да биде ‘зелен’ водород. Количеството ‘зелен’ водород што може да се произведе никогаш нема да биде доволно за да овозможи едноставна замена на еден со друг енергенс“, вели Пехчевски.

За модернизација и продолжување на животниот век на РЕК Битола, а согласно со преземените обврски според европските директиви, од особена важност ќе биде и намалувањето на загадувањето од комбинатот, признаваат од Министерството за енергетика. Оттаму велат дека велат дека ова за нив претставува приоритет и дека во тек е план за технолошка модернизација и значително намалување на штетните емисии, преку замена на електростатските филтри со кои ќе треба да се намалат емисиите на штетните честички и прашина во гранични вредности и да се исполнат европските стандарди и регулативи.

„Една од целите ќе ни биде модернизација на РЕК Битола во техничко-технолошка смисла. Еколошките проекти вклучуваат изградба на топловод до Битола, со што граѓаните ќе добијат алтернативен и еколошки прифатлив начин за затоплување“, велат од министерството.

Оттаму потенцираат дека алтернативата на јагленот е користење природен гас, па затоа е планирана изградба на две когенеративни гасни централи, една во Битола, додека дополнителен капацитет би се добил преку можната модернизација на ТЕЦ Неготино.

„Со ова ќе се продолжи животниот век на капацитетите за најмалку три децении. Покрај гасните централи, се планираат и нови капацитети од ветерни и соларни електрани, со што ќе се осигури постепена замена на јагленот. За да се реализира ова, секако потребно е гасот да дојде до Битола. Потребната инфраструктура за овие проекти е веќе во развој, вклучувајќи го и гасниот интерконектор со Грција. Овој интерконектор ќе овозможи не само достапност на гас од различни извори, како терминалот за течен гас во Александропулис, туку и приспособување за транспорт на водород, кој се смета за гориво на иднината“, велат од Министерството за енергетика.

Во првиот дел од серијата написи за рабоата на РЕК Битола, МКД.мк се осврна на состојбата и условите за работа на овој рударско-енергетски комбинат.

Искра Опетческа

                                                     (продолжува)

Со овој текст, МКД.мк се приклучува во иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од британската амбасада.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ