сабота, 30 ноември 2024

ММФ: Руската економија расте побрзо од која било друга

Меѓународниот монетарен фонд предвидува дека руската економија годинава ќе порасне побрзо од сите други развиени светски економии, вклучително и таа на САД, пренесе Би-би-си.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

ММФ очекува руската економија годинава да порасне за 3,2 отсто, што е значително повисоко од Велика Британија, Франција и Германија.

И покрај тоа што Кремљ е предмет на западните санкции поради инвазијата на Украина, ММФ даде позитивни прогнози за руската економија и најави дека иако нејзиниот раст ќе биде помал во 2025 година, сепак ќе биде повисок од претходно очекуваниот 1,8 отсто. Извозот на нафта „остана стабилен“, а владата ја „задржа високата потрошувачка“, што придонесе за растот, се наведува во извештајот на меѓународната организација, која има 190 земји-членки.

Инвестициите на корпорациите и државните претпријатија, како и „отпорноста на приватната потрошувачка“ во Русија, придонесоа за растот заедно со силниот извоз на нафта, рече Петја Коева Брукс, заменик-директорка на ММФ. Русија е еден од најголемите светски извозници на нафта, а Би-би-си во февруари откри дека милиони барели гориво произведено од руска нафта сè уште се увезуваат во Велика Британија и покрај санкциите.

Во извештајот на ММФ се наведува и дека светската економија покажала „извонредна издржливост“.

„И покрај многуте мрачни предвидувања, светот избегна рецесија, банкарскиот систем се покажа во голема мера отпорен, а големите пазарни економии во развој не претрпеа ненадејни прекини“, посочуваат економските експерти.

ММФ тврди дека неговите прогнози за растот следната година во повеќето напредни економии често биле точни во рамките на околу 1,5 процентни поени од вистинскиот исход.

Економистите од ММФ предупредија дека ако конфликтот Израел-Хамас на Блискиот Исток дополнително ескалира, тоа може да доведе до зголемување на цените на храната и енергијата низ целиот свет.

Континуираните напади врз бродови во Црвено Море и тековната војна во Украина, исто така, би можеле да влијаат на досега „извонредно отпорната“ глобална економија, се вели во извештајот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ