„Ова барање е јавно предложено до пратеничката Славјанка Петровска и очекуваме одговор дали пратениците на СДСМ ќе се потпишат на истото и дали доколку претседателката на комисијата Илире Даути не свика седница, ќе поднесат барање за нејзино разрешување или интерпелација. Заземавме став како пратеничка група да почекаме одговор до 15:30 часот денес“, рече портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева на прес-конференција во законодавниот дом.
Таа ја повика пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска јавно да го соопшти ставот на партијата по однос на предлог законот за изменување и дополнување на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили и на членовите на нивните семејства по скратена постапка, кој претходно беше поднесен од страна на Петровска.
„Во спротивно, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе го поднесат ова барање без поддршка и потписи од пратениците на СДСМ, со што практично ќе се види нивната вистинска намера за политизирање“, рече Митева.
Предлог законот за бранители предизвика бројни реакции, како во македонскиот, така и во албанскиот политички блок. Законот е во собраниска процедура, но е заглавен во Комисијата за социјална политика, демографија и млади бидејќи претседателката на комисијата Илире Даути од редовите на Европскиот фронт предводен од ДУИ, не закажува седница.
Од политичката партија Левица најавија дека ќе поднесат кривична пријава против претседателот на Собранието Африм Гаши, бидејќи иако имал можност да ја свика седницата на собраниската Комисија за труд и социјална политика, демографија и млади на која треба да се разгледа предлог-законот за бранители, тоа не го сторил.
Претседателот на Собранието Африм Гаши, пак, тврди дека не го прекршува Деловникот за работа и дека ингеренциите се кај претседателката на собраниската Комисија.
Премиерот Христијан Мицкоски минатата недела во изјава за медиумите ја повика претседателката на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади да го стави на дневен ред Предлог-законот за бранители, додавајќи дека со Вреди не разговарале за законот.
Вицепремиерот Изет Меџити, пак, во интервју за Радио слободна Европа на прашањето дали има согласност околу законот за бранители, одговори во множина:
„Ние имаме конечен став дека не е добро за процесите и за државата и не е во приоритетите да се донесе таков закон. Тој сега е заглавен во комисија која се води од Илире Даути и очекуваме дека таму и ќе остане“, изјави Меџити.