Како некаков вирус, плавата коцка од пред неколку дена молскавично почна да се шири низ државата, наоѓајќи плодна почва за напад врз автомобилските регистерски таблички. Користејќи ја лепливата подлога од нејзината долна страна, плавата коцка ја таргетира исклучиво левата страна на автомобилските таблички, каде што стои кратенката МК.
По принципот на мимикрија, плавата коцка многу потсеќа на тој дел од табличките, но разликата со оригиналниот дизајн ќе ја забележите доколку внимателно ја прочитате кратенката. И така, како што Рибок се фалсификува со Рибак или Адидас со Адибас, на мистериозната плава коцка наместо МК стои мистериозна кратенка НМК.
Дури ни мене, како долгогодишен дипломат кој цел работен век меѓу другото се занимавал со секакви кратенки, не ми е јасно што ова НМК, отпечатено на латиница, би требало да значи.
Првата забуна ми се јави воопшто околу потребата на менување на кратенката МК. Како што добро знаеме, меѓународен код за Македонија со две букви е МК, а со три букви МКД. Овие кодови изготвени пред три децении според ИСО стандардите се прифатени дури и во Договорот од Нивици.
Зошто тогаш поле за единствен исклучок за нивно користење станаа нашите регистерски автомобилски таблички, кои од никогаш појаснети причини го изгубија правото да бидат означени со својата постоечка кратенка МК?
Очигледно, си помислив, нашата преговарачка страна ја изгубила преговарачката битка со посилниот преговарач за користење на својот код МК на табличките, инаку целосно неспорен согласно меѓународните ИСО стандарди.
Но, еден разговор со мој колега, инаку член на нашиот преговарачки тим ги сврте моите мисли во сосема друга насока. Како, па дури и дали воопшто нашата преговарачка страна водела преговори? Додека целата македонска јавност со исчекување секојдневно ги следеше вестите неколку месеци додека траеја преговорите што доведоа до Договорот од Нивици, а нашите преговарачи со сериозни и изморени ликови не држеа во тек со „тешките преговори“, ние никогаш не дознавме било каков детал за тие историски преговори. Така, тие полека се здобија со ореолот „Најмистериозните дипломатски преговори на Македонија на сите времиња“.
Во меѓувреме, тогашниот грчки министер за надворешни работи Никос Коцијас напиша книга за овој преговарачки потфат, која со тек на времето ќе стане историја за неговиот народ и ќе се изучува во нивните училишта. Колку што сум информиран, нашиот Никос нема напишано ништо. Барем до денес.
Како што спомнав погоре, во една прилика, на своето работно место во МНР, прашав еден од колегите кој што беше член на нашиот преговарачки тим, што точно подразбираат под кратенката НМК? Тој ноншалантно, без размислување, веднаш ми одговори: па North Macedonia (Северна Македонија, на англиски јазик).
Полека, му одговорив. Тоа не може да биде така. Кратенка од North Macedonia би била NMC. Колегата на ова се збуни и одговори: пази навистина! Веднаш потоа, веројатно засрамен, ја напушти просторијата.
Ваквиот одговор ми отвори многу прашалници. Најпрвин за вистинското значење на кратенката, а потоа и за самите преговори. Дали навистина се воделе, или нивните измачени ликови на вестите биле фингирани? Па кога се преговара, се води вистинска војна дури и за точки и запирки, а не па да не се знае што некоја кратенка значи?! Дали таа била сервирана и преземена без „борба“?
Доколку била изведена од англиска интерпретација, кратенката за North Macedonia би била NMC. На латиница.
Доколку пак била изведена од македонска интерпретација, кратенката за Северна Македонија би била СМ. На кирилица.
Доколку била изведена од македонска интерпретација, кратенката за Република Северна Македонија би била РСМ. На кирилица.
Никако не оди…
Плавата коцка на табличките стана вистинска мистерија, а мистериите отсекогаш ме привлекувале и како дете голтав романи од Агата Кристи, Конан Дојл и други.
Не наоѓајќи соодветен одговор, најпосле со тешко срце си признав на себе си дека моите интелектуални капацитети веројатно не се дораснати на интелектуалните дострели на нашите и грчки преговарачи, кои деноноќно и макотрпно го граделе текстот на Договорот од Нивици за добро на сите нас.
Последна шанса видов во евентуално прашање до актерите, кои ова го испреговарале. Моите колеги од МНР очигледно немаа одговор, па решив прашањето да го поставам до главните актери, оние што ги воделе преговорите од наша страна.
Така, при неколку мои ТВ настапи, јавно упатив прашање до тогашниот премиер Зоран Заев и тогашниот министер за надворешни работи Никола Димитров. Дали поради губитокот на краватата или пак поради медицинскиот проблем со раката, одговор до денес, еве веќе речиси половина година, немам добиено.
Во меѓувреме, бидејќи на многуте јавни настапи, како дипломат често ме прашуваат што значи кратенката NMK, јас пропаѓам во земја. До ден денес не го дознав одговорот. Не знам што да им кажам на луѓето.
Поради тоа, еве уште еднаш најубаво ги замолувам членовите на нашиот преговарачки тим, а доколку имаат одговор и членовите на Владата, јавно да не просветлат и да ни појаснат што значи оваа кратенка, што во форма на плава коцка ни се залепи на нашите автомобилски таблички.
Однапред благодарам.
Амбасадор Зоран Дабиќ
ГК на ВМРО-ДПМНЕ