среда, 4 декември 2024

Министерството за здравство анализира за нови лекови на позитивна листа и за превентивни програми

Комисија на Министерството за здравство анализира кои лекови треба следно да бидат ставени на позитивната листа на лекови. 

Објавено на

часот

Сподели

„ Имаме комисија што е формирана од Министерството за здравство и која треба да одлучи кои се побитните работи, кои лекови имаат приоритет да бидат ставени во позитивна листа. Зборувам за целото население во државата.Сега не можам да кажам генерици или имиња на лекови, бидејќи тоа веќе е несериозно. Очекувам комисијата којашто е компетентна и којашто треба врз база на сите фармако-економски и други анализи што ги прави, да му предложи на Министерството за здравство кои треба да бидат следните лекови за позитивната листа“, изјави денеска министерот на прес-конференција.

Потсети дека во првите 50 дена од Владата, листата се прошири со девет нови лекови.

За превентивните програми, рече дека се многу битни и дека се разговара тие да бидат проширени.

„Поуспешни ќе бидеме не со лекови, туку со превентивни програми. Така ќе имаме помалку развиени форми на сериозни болести, па размислуваме во насока на превентивни програми. Меѓутоа сепак треба да размислиме и да видиме што имаме во буџетот, какви се можностите. Така што, балансираме повеќе да ги истераме превентивните програми, секако и позитивната листа. Затоа и го направивме тоа. Од друга страна па се обидуваме да заштедиме“, рече Таравари.

Министерот за здравство одговори и на реакциите дека во изминатите четири години, 400 илјади евра биле скратени од превентивните програми од здруженија коишто работат со пациентите со ХИВ, како и на реакциите дека годинава ќе биде уште помал буџетот и нема да можат да се покријат трошоците со овие пари.

„ Се надевам дека буџетот ќе биде сличен, меѓутоа немаме уште дефинитивен буџет. Дозволете ни да видиме, па кога ќе биде подготвено ќе зборуваме за тоа точно. Сега ги немам ни бројките пред мене. Меѓутоа, мислам дека цифрите ќе бидат слични. Можеби може да има мало скратување, меѓутоа не нешто сериозно, што ќе го загрози животот на болните со ХИВ“, рече Таравари.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ