Тренчевска посочи дека на следната седница на Владата ќе ја достави информацијата во однос на формирањето на работната група.
„Очекувам дека низ дијалог до крајот на годината ќе најдеме соодветно решение секако следејќи ги примерите на останатите земји, соодветно решение како да ја дефинираме минималната пензија во државата, а којашто ќе биде над она што значи праг на сиромаштија утврдена од страна од Светска Банка“, изјави на новинарско прашање министерката Тренчевска по посетата на Центарот за дневен престој на стари лица во општината Чаир.
Таа најави дека се очекува ново покачување на пензиите, согласно новата методологија во 2022 година согласно трошоците за живот и порастот на просечната плата, минималната пензија за септември ќе изнесува над 13.300 денари.
„Очекуваме овие денови да ги добиеме податоците од Државниот завод за статистика, врз основа на овие податоци ќе видиме колку ќе биде. Можно е 6, можно е повеќе од 6 проценти. Затоа реков одиме со изјави најмалку со 6 отсто, може ќе биде и нешто повеќе, се зависи од статистиката“, рече Тренчевска.
Запрашана дали има компромис минималната пензија да биде 18 000, што е едно од барањата на пензионерите, министерката потенцира дека тоа би значело дополнително оптоварување на Фондот за пензиско осигурување и би ја загрозило неговата стабилност.
„Секогаш која се креираат политики мора да се мисли на стабилноста на Фондот за пензиско. 18.000 е нереална цена затоа што минималната плата ни е 20.000. Тоа значи дополнително оптеретување на ФПИОМ и доведување во ситуација после три, четири месеци да се прашаме дали 330.000 ќе добијат пензија. Како држава, како министерка, како Влада мора да водиме сметка за стабилност на ФПИОМ, мора да водиме сметка за навремено исплаќање на пензиите, секој месец пензионерот, сите 3330 000 ќе си ги добијат пензиите“, рече Тренчевска.
Подвлече дека не се потребни популистички мерки коишто ќе доведат да во одреден период на неколку месеци ги задоволат сите пензионери вклучително и пензионерите со најниска пензија, но кое на подолг рок значи дека ќе се доведе во прашање стабилноста на фондот. Нагласи и дека пензиите се економска, а не социјална категорија.
„Никогаш нема да дозволам како министерка каде што еден од најглавните приоритети ми се токму пензионерите, највозрасната категорија граѓани, да се доведе во прашање исплатата на пензиите на кој било од овие 330.000 пензионери. И друга работа висината на пензијата зависи од тоа колку во нашиот работен век вложуваме во системот на пензиско и инвалидско осигурување. Неправедно е да ги изедначиме луѓето кои имаат 15 години стаж и луѓето кои имаат 40 години стаж затоа што со 40 години стаж апсолутно со вашиот влог преку системот на придонесите вие очекувате да имате поголема пензија. И оние граѓани пензионери кои земаат во моментов минимална пензија најголем дел од нив се со 15 години стаж. И најголем дел од нив ја немале достигнато висината на минимална пензија. Ако не бил системот солидарен таков каков што е во моментов ќе земале и многу помала пензија. Меѓутоа заради солидарниот систем сме утврдиле линија од која што нема да има пензија 12.500 денари. Во септември ќе биде над 13.300“, рече Тренчевска.
Таа најави дека Министерството за труд и социјална политика (МТСП) денеска ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд во врска со прашањето за линеарното зголемување на платите, кое е едно од барањата на пензионерите, и врз основа на добиеното мислење во работната група што ќе се формира, ќе бидат донесени конкретни одлуки и политики.
„Уставниот суд веќе има донесено одлука во 1997 година, во времето, кога беше премиер Бранко Црвенковски за неуставност на линеарно зголемување на пензиите. Во одлуката на судот од 1995 година, се посочува дека сите права од пензиско и инвалидско осигурување треба да бидат во согласност со должината на работниот стаж и она коешто секој работник во времето на работниот век го придонесува во Пензискиот фонд“, рече Тренчевска.
Прашана во однос на тоа дека од 1997 досега многу пати било исплатено линеарно покачување на пензиите, министерката појасни дека оваа Влада има исплатено лиенарно покачување, но врз тогаш постоечка законска основа.
„Линеарно покачување, последното е со одлука на Влада во 2019 година повикувајќи се на третиот основ за покачување на пензиите што постоеше тогаш во законот. Тоа беше доколку БДП е поголем од 5 проценти. И затоа е донесена одлука. Мислам дека беше 720 денари линеарно покачување. Во моментов нема таков основ во законот. Тоа не е линеарно усогласување, туку е покачување на пензиите. Одлуката беше 5 проценти од сумата на пари за исплата на јануарската пензија во 2019 или во 2020 година, таа сума на пари да се распореди на сите пензионери и затоа произлезе за секој пензионер да треба да биде 720 денари“, вели Тренчевска.
Во 2014, 2015, и 2016 година кога се носеа одлуките за 600 денари покачување на пензиите, посочи таа, тие беа ставени вон сила, она што денеска го има во законската регулатива.
„И затоа реков дека е невозможно и неуставно, затоа што и во одлуката која што ја спомнав од 95 година Уставниот суд се повикува токму на она што секој еден граѓанин, работник го има вложено во системот преку годините поминати на работа. Ние денес ќе доставиме барање за мислење до Уставниот суд и зависно дали во моментот е уставно или не е линеарното покачување и ова што го бараат пензионерите врз основа на мислењето на Уставниот суд, ќе го разгледаме во работната група што ќе ја формираме и ќе донесеме конкретни одлуки и политики“, рече Тренчевска.
Во однос на можноста за зголемување на старосната граница за одење во пензија, засега вели не се разговарало, затоа што, како што посочи, се фокусирани на политики коишто значат повеќе пари кај пензионерите, поголеми пензии и политики коишто во услови на економска, енергетска криза ќе значат и дополнителен приход преку социјални мерки.