„Вештачката интелигенција има голем потенцијал во областа на образованието. Таа, може да го револуционизира начинот на кој се учи и се предава. Може да го персонализира образованието, приспособувајќи ја содржината на индивидуалните потреби и стилови на учење на секој ученик. Ова може да доведе до подобри резултати од учењето“, рече Јаневска, посочувајќи дека зборува за вештачката интелигенција која е во согласност со етичките и моралните начела и норми.
Говорејќи за дигитализацијата на образованието, министерката рече дека тоа е отпочнат процес во кој државата е поназад од земјите од ЕУ, а понапред во споредба со земјите во регионот. Посочи дека министерството е фокусирано на два аспекти – дигитализација на наставата и дигитализација на образовните услуги.
„Дигитализација на наставата подразбира опремување на училиштата со квалитетна ИТ инфраструктурна мрежа и ИТ уреди, обезбедување на дигитални алатки и платформи, дигитализирани учебници и слично. Од друга страна пак, веќе нудиме дигитални услуги за остварување на повеќе права – упис во прво одделение и прва година во средно образование, аплицирање за стипендии, за сместување во ученички и студентски домови, за субвенциониран оброк и така натаму. Во напредна фаза е и дигитализацијата на услугите на повеќе факултети“, рече Јаневска.
Нагласи дека државата се води по национални, но и меѓународни документи, како на пример Акцискиот план за дигитално образование.
„Периодов фокусот е ставен и на реформската мерка за инклузивна дигитална трансформација на образованието преку која е предвидено над 95% од наставниците до крајот на 2027 година да бидат високо обучени во полето на дигиталните вештини“, додаде министерката.
Буџетот што ќе го добие Министерството за образование и наука следната година ќе изнесува 40 милијарди денари, што е најмногу досега. Според Јаневска, тоа ќе значи и повеќе пари за дигитализација, како и за поддршка на работата на научно – истражувачките работници кои, очекува во иднина повеќе да се занимаваат со иновации во областа на вештачката интелигенција.