„Има неколку спорни моменти, но најспорна е таинственоста. Штом Владата вели дека е ова историски добар договор, тогаш секоја Влада би сакала историски добрите договори да ги претстави во јавноста и да ја убеди јавноста дека постигнала добар договор. Но бидејќи Владата сѐ уште го крие во тајност договорот и од новинарите, од граѓаните и од пратениците тогаш се поставува прашањето што има толку да се крие“, изјави Милошоски на вечерашното гостување во емисијата „Трилинг” на ТВ 24.
Тој додаде дека сепак одредени совесни административци го доставија договорот до ВМРО-ДПМНЕ.
„Едната и најсериозна штетна клаузула е да се исплатат во рок од една година 53 милиони евра доколку не биде сменет законот за работни односи од 40 часовна работна недела на 60 часовна работна недела, а Владата знаела дека Уставниот суд веќе укинал една таква одредба од договорот“, вели Милошоски.
Тој вели дека овој договор не е безбедносно прашање воопшто и треба да се провери која институција го класифицирала затоа што ако нешто ставите дека е државна тајна или строго доверливо треба да има причина зошто тоа така го завеле.
„Според мене овој договор треба да е претставен пред пратениците и да им биде поделен на сите пратеници. За да може пратеникот совесно да одлучува за одредени законски измени, тогаш е должен и има уставна обврска да ја контролира Владата, а со тоа самата Влада има обврска да го достави до пратениците“, истакна Милошоски.
Тој рече дека со потпишувањето на овој договор Владата презела обврски надвор од законските норми.
„Во самиот договор кој Владата го потпиша со ‘Бехтел и Енка’ таа презела обврска дека до крајот на април ќе бидат изведени сите подготвителни работи, помошни патишта, паркинзи, поставени контејнери, заштитни огради, проект за одраз кон животната средина и зачувување на животната средина… До крајот на април требало да има и комплетен проект за автопатот Тетово – Гостивар, но гледаме дека и тоа го нема“, рече Милошоски.