понеделник, 7 октомври 2024
Порака од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ

Мицкоски: Пендаровски да не ги потпише законите изменети заради коридорите и тајните договарања

Објавено на

часот

Сподели

„Сега излегуваат со некакви соопштенија каде што велат дека не се плаќаат пенали, туку биле дополнителни трошоци. Човек да не може да се изначуди на нивната глупост на отворена сцена. Затоа го имаме Пендаровски кој во улога на аналитичар се служи со народни мудрости, наместо да каже што ќе преземе. Јас го повикувам да не се крие позади Собранието и да излезе да се одважи и тие законски решенија кои ќе дојдат кај него да не ги потпише. Да не го суспендираме правниот поредок во државата и Уставот и еднаш во овие пет години како претседател да одработи во интерес на граѓаните и државата“, изјави Мицкоски при денешната посета во Ново Лисиче, општина Аеродром.

Во однос на ставот на Владата за продолжување на работните часови од 40 на 60 часа, Мицкоски рече дека вчерашниот владин одговор не заслужува никаков коментар, но посочи дека тоа е кривично дело.

„Тоа што тие го кажуваа вчера не заслужува буквално никаков кометар, но сакам уште еднаш да ги предупредам, дека свесно ја ставаат државата во подредена положба. Тоа е кривично дело и ќе повторам за ова кривично дело од првиот до последниот ќе одговараат“, изјави Мицкоски.

Осврнувајќи се на вчерашната изјава на претседателот на државата дали ќе се кандидира на следните претседателски избори, Мицкоски рече дека Пендаровски со неговите изјави не престанува да се нуди на владејачката коалиција СДСМ и ДУИ мислејќи дека ќе биде повторно претседателски кандидат.

„Морам да го разочарам дека тој е најпосакуваниот противник за опозицијата на следните претседателски избори бидејќи сигурно ќе доживее дебакл од граѓаните и ќе изгуби, така што сите овие гимнастики и салта на отворена сцена не му доликуваат бидејќи сепак некакво портфолио на политичката сцена и треба достоинствено уште овие неколку месеци да ги одработи и да замине во историјата како еден лош пример како треба еден претседател да се однесува на една држава“, рече Мицкоски.

Претседателот Пендаровски вчера за централниот дневник на телевизија „Сител“ изјави дека ќе ги чека финалните верзии на пакетот закони пред да одлучи дали ќе ги потпише указите.

Во однос на тоа дали повторно ќе се кандидира на следните претседателски избори, Пендаровски рече дека најважна му е поддршката од граѓаните. 

„Кога ќе дојде време веројатно ќе се изјаснам. Јас сум рекол важна ми е поддршката од  коалицијата која во 2014 ми ја даде таа поддршка, не само од 2019, но далеку поважна ми е поддршката од граѓаните. Ако ја немам, нема да размислувам, но ако ја имам, можам да размислувам заедно со политичките субјекти кои би сакале во тој период да ме поддржат“, рече Пендаровски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ