Една опција е во парламентот да се донесе закон со кој рокот за издавање на пасоши ќе се продолжи, а за втората опција денеска ќе побарам поддршка од Извршниот и Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ за поднесување претставка пред Уставниот суд да се стави времена мерка на Законот од 2021 година да биде вон сила се до следно одлучување дали е тој уставен или не, а се однесува на пасошите. Ако Уставниот суд е експресен како што видовме во минатото, тогаш може уште во текот на следната недела да постапува и да ја донесе таа времена мерка, изјави денеска Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ прашан за проблемот на македонските граѓани со новоите пасоши во кои треба да го пишува новото име да државата.
„МВР не располага со доволен капацитет за да може во така брз рок да бидат издадени отприлика 2,5 – 2,7 милиони македонски пасоши согласно обврските кои се преземени, а се дел од законско решение донесено во 2021 година. Зошто? Затоа што таму имате два апарата кои работат од 7 до 10 часа на ден, секој од нив има капацитет од 120 пасоши на час или пак, ако тоа го сведеме во континуирана работа без прекин вие можете годишно максимум до половина милион патни исправи да промените. И тоа во идеални услови, под услов овие апарати да работат без дефект. Ова значи дека се потребни шест години со ова темпо и динамика да дојде до промена на сите патни исправи. Или со други зборови, ако 2021 година е донесен Законот, тогаш најрано 2027 година може да се изврши промена на сите 2,5 – 2,7 милиони македонски патни исправи“, рече Мицкоски.
Тој напомена и дека МВР и Спасовски не случајно доцнат и со набавката на обрасци.
„МВР на чело со Спасовски доцни со набавка на обрасците потребни за да се издадат овие патни исправи. Зошто тоа го прави? Затоа што доаѓа техничка влада, технички министер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и сега ќе се создаде вакуум простор до март кога треба да дојдат новите обрасци и тогаш на примитивен простачки начин да се обвинува идниот технички министер кој ќе дојде од ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е политичката цел на Оливер Спасовски и тие кои моментално го водат МВР“, рече Мицкоски.
Мицкоски укажа на тоа дека и после 12 февруари личните карти се важечки.
„Пензионерите и сите граѓани со важечките лични карти ќе може да ја подигнуваат пензијата и понатаму, дека тие лични карти во внатрешниот промет се валидни документи и нема потреба никој да биде загрижен дали ќе може да се гласа со тие лични карти“.
Одговорајќи на новинарско прашање за негов коментар за изјавата на холандскиот амбасадор тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ тоа го зборува подолго време наназад, откако овие две партии се власт.
„Амбасадорот на Холандија го потврди тоа што ние го зборуваме со години наназад, дека не владее правото, дека е партизирано и октроирано судството, се вршат притисоци врз судии, се избираат партиски судии и во судски совет, обвинители се бираат. Сега повторно имаме таков оглас каде набрзина се прават притисоци да се изберат нови судии и обвинители пред одење за да можат на тој начин овие криминалци во владата да бидат заштитени или барем така мислат дека, ако си постават свои судии и обвинители набрзина дека сето она кое идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе го почне, тие практично ќе го опструираат во процесот на истраги, судски предмети или пак пресуди во конечен случај“, изјави Мицкоски.
Тој додеде дека она кое што треба да се случи е промена на следните парламентарни избори, голема победа на ВМРО-ДПМНЕ и да се стави крај на девастираниот систем, да почне системот полека но сигурно да функционира, бидејќи граѓаните треба да ја вратат довербата во него.