вторник, 8 октомври 2024

Мицкоски: Ако не се согласува со законот за амнестија, Спасовски треба да даде оставка

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски смета дека министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски треба да ја напушти Владата доколку не се согласува со носење на законот за амнестија.  Мицкоски, кој денеска присуствува на почетокот на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“ во Охрид рече дека Спасовски има две опции.

Објавено на

часот

Сподели

Едната опција е ако не се согласува да ја напушти владата, рече Мицкоски.

Втората опција која ја има Спасовски, потенцира лидерот на опозицијата, е да молчи и да прифати дека тие коишто се опфатени со овој закон се озлогласени криминалци, луѓе кои што тргувале со недозволени супстанци или познати како нарко дилери, переле пари, вршеле изнуда, правеле насилство и така натаму.

 „И тие треба да добијат намалени затворски казни или дел од нив да добијат и целосна амнестија, за да потоа се најдат повторно на улиците и да повторно прават проблеми и го тероризираат чесниот граѓанин во Македонија“, додаде Мицкоски. 

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во изјава за медиумите во саботата кажа дека во моментот ваков закон е непотребен. Владата го достави законот за амнестија по скратена постапка, во Собранието, и се уште нема информација кога тој ќе биде ставен на дневен ред.

Под слоганот „Важно е! Од тебе зависат промените“ ВМРО-ДПМНЕ денеска од Охрид ја почнува својата кампања, која ја најави лидерот на партијата Христијан Мицкоски.

Како што соопштија од партијата, кампањата ќе се реализира следните два месеци и ќе биде во два дела. Во првиот дел лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ќе има теренски посети низ општините, додека во вториот дел е предвидено да се одржат дебати на различни теми во различни општини на кои ќе бидат опфатени актуелните случувања кои ги мачат граѓаните. Мицкоски ќе оствари голем број средби со целни групи, но и со граѓани, а како што информираа првата теренска посета ќе биде токму во Охрид.

Предвидено е Мицкоски да оствари средба со туристичките работници, прошетка низ чаршијата во Охрид, средба со пензионери, а попладне ќе одржи говор и ќе има можност да разговара со граѓаните, да ги слушне нивните размислувања, како и да одговора на нивните прашања.

Ова е втора голема кампања на ВМРО-ДПМНЕ овојпат насловена „Важно е! Од тебе зависат промените“. Во првата кампања под мотото „Ова е Македонија, Македонија за сите“, се одржаа трибини во 12 општини, учествуваа 19 тимови со вкупно 200 луѓе и беа посетени повеќе од 700 населени места. Притоа беа нотирани околу 18.000 проблеми со кои се соочуваат граѓаните, а како што тогаш известија од партијата, решенијата за овие проблеми ќе бидат дел од идната програма на ВМРО-ДПМНЕ.

Од јануари до денес е активна и кампањата „Промени на дело“, во која Мицкоски два до три пати неделно е присутен во општините чии градоначалници се од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, и притоа се пуштаат во употреба новоизградени градинки, улици, пазари, водоводни или канализациски мрежи или пак се најавува почеток на некој нов проект.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ