недела, 10 ноември 2024
Изјава на координаторот на ВМРО-ДПМНЕ

Mицевски: Мандатарот мора да ги предложи нашите кандидати за техничката влада и точка

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски денеска изјави дека законот го обврзува мандаторот да ги предложи во составот на техничката влада кандидатите за министри и заменици министри од неговата партија. „И тука ставаме точка“, рече Мицевски оценувајќи ја како аматеризам изјавата на актуелниот премиер Димитар Ковачевски дека местата на ВМРО-ДПМНЕ во техничката влада ќе останат испразнети.

Објавено на

часот

Сподели

Мицевски притоа посочи на членот 3 од Законот за влада, во којшто, меѓу другото, се вели дека „мандатарот предлага министри за секое од министерствата утврдени со закон и министри без ресор“.

Тој рече дека ВМРО-ДПМНЕ нема донесено одлука за кадровските решенија во министерствата за внатрешни работи и за труд и социјална политика и за дополнителните заменици министри. Засега се најавува седница на Извршниот комитет на партијата за среда.

„Ние како ВМРО-ДПМНЕ побаравме укинување на оваа пржинска влада затоа што знаеме до што сѐ може да доведе и знаејќи ги потезите коишто власта во очај ќе ги презема во наредниот период. Инаку, многу јасен е Законот за влада дека мандатарот ги предлага министрите. Ние од кандидатот за мандатар уште немаме слушнато изјава по однос на ова прашање, меѓутоа можеме да го насочиме да го погледне член 3 од Законот за влада“, рече Мицевски.

Тој го постави прашањето: ако нема министри кој ќе ги потпишува на пример, платите во Владата.

„Ние не можеме да имаме дополнителни министри или заменици кога Законот е сосема јасен дека органи на управи се Владата, а во владата раководат министри. Сето друго е надвор од Уставот, надвор од сѐ она што го даваат законските регулативи во нашата држава“, посочува Мицевски.

За тоа кога ќе бидат соопштени имињата на нивните претставници во техничката влада, тој рече дека до крајот на неделата има уште време за тоа. Потврдува дека е планирана седница на Извршниот комитет за среда, но и тоа зависи од тоа што ќе се случува во наредните денови.

„Затоа што очигледно е дека немаме конкретен датум и немаме оставки, така што во наредните денови до крајот на неделата, односно до рокот којшто ќе биде утврден врз основа на оставките, ВМРО-ДПМНЕ ќе разговара и ќе предложи свои кандидати за сите овие отворени места“, рече Мицевски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ