понеделник, 7 октомври 2024

Мицкоски на Снопче му посака среќа, на Ахмети добро здравје во врска со одбивањето да се изгласа Законот за бранители и замрзнувањето на балансерот

Нека му е со среќа, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски прашан да ја коментира изјавата на пратеникот Халил Снопче кој рече дека ако се изгласа законот за бранители коалицијата Вреди ќе ја напушти Владата. За пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска која е предлагач на измените на Законот за бранители, премиерот рече дека таа сѐ уште не ги знае собраниските процедури. Коментирајќи ја највата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети за протести против времената мерка за стопирање на вработувањта по етнички клуч, Мицкоски нему му посака многу здравје.

Објавено на

часот

Сподели

Премиерот Мицкоски рече дека тој не функционира по принципот на закани и уцени.

„Ако некој се заканува, треба и да го реализира тоа, а ако не, остава лош впечаток во јавноста. Јас на заканите не одговарам баш така како што некој може да очекува. Изненаден сум што еден професор користи речник на закани, но тоа е негова одлука. Не знам кога ќе дојде на дневен ред во Собранието Законот за бранители, но кога ќе дојде, ќе ја има нашата поддршка“ – рече Мицкоски по промоцијата на изградбата на нова спортска сала во основното ушилиште Димитар Поп Георгиев Беровски, во Општина Ѓорче Петров.

Пратеникот од коалицијата Вреди, Халил Снопче синоќа за Клик Плус изјави дека неговата коалиција ќе излезе од Владата доколку се укине Законот за употреба на јазиците и доколку биде изгласан Законот за бранители.

„Поради руското влијание, доколку влезат во такви авантури и ние не го решиме проблемот навремено, тогаш за Вреди нема место во Владата. Какво место во Владата“, изјави синоќа Снопче.

Премиерот многу здравје и среќа му посака и на лидерот на опозициската ДУИ Али Ахмети, кој најави протести против времената мерка за стопирање на вработувањта по етнички клуч.

„И нему му посакувам добро здравје и среќа“, одговори Мицкоски.

За изјавата на пратеничката од СДСМ, Славјанка Петровска која е предлагач на Законот за бранителите и го повика премиерот да постапи исто како и со Законот за унгарскиот заем, рече дека пратеничката Петровска не ги разбира парламентарните процедури.

На новинарско прашање дали ќе го повика претседателот на Собранието, Африм Гаши да ја свика Комисијата за социјална политика, демографија и млади за Законот за бранителите, Мицкоски рече дека го повикува, бидејќи СДСМ тоа го бара.

Предлог-законот за бранители е во собраниска процедура и треба да се носи по скратена постапка, но е заглавен во Комисијата за социјална политика, демографија и млади бидејќи претседателката на Комисијата Илире Даути од редовите на Европскиот фронт предводен од ДУИ, не закажува седница.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ