За време на престојот во седиштето на ЕУ, Мицкоски ќе присуствува на работен ручек што за него и за останатите лидери од земјите од Западниот Балкан го организира претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Како што информира вчера портпаролката на ЕК за соседска политика, проширување и меѓународни партнерства Ана Писонеро, на работниот ручек ќе стане збор за односите меѓу ЕУ и земјите од Западниот Балкан, како и за имплементацијата на Планот за раст на регионот, што го подготви Европската комисија и за реформиските агенди поврзани со него.
Дополнително, Мицкоски ќе има средби и со претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, со еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји и со првиот човек на Генералниот директорат за соседство и преговори за проширување (ГД НЕАР), Герт Јан Копман.
Мицкоски вчера најави дека главна тема на неговите средби во Брисел ќе биде Планот за раст на Западниот Балкан, истакнувајќи дека Владата подготвила фантастичен документ за реформската агенда, кој веќе е доставен до Брисел.
„Со формирањето на Владата го поднесовме во канцеларијата на Европската комисија тука во Скопје, за потоа да пристигне во Брисел. Тоа е целта на мојата посета и работен ручен со старо-новата претседателка на Европската комисија Урсула фон дер Лајен“, рече Мицкоски.
Доколку на средбите во Брисел стане збор за евроинтеграцискиот процес, како што рече Мицкоски, тој е оној кој што треба да ги брани и да ги одбрани македонските национални интереси, како и во минатото, кога беше во опозиција, така и сега како претседател на Владата.
„Дури сега имаме и повеќе аргументи. Сакаме да ги претставиме аргументите, сакаме фрустрацијата која ја чувствуваат македонските граѓани, да ја пренесеме таму, бидејќи таа е голема, огромна би рекол, по повеќе од две и пол децении откако го почнавме овој наш пат кон Европската Унија и повеќе од деценија и пол откако официјално го добивме првиот позитивен Извештај од страна на Европската комисија за почнување на овие преговори. Ние не сме во можност да ги почнеме преговорите, не заради тоа што не ги почитуваме Копенхашките критериуми, туку затоа што има вештачки наметнати пречки, коишто ниту еден народ, ниту една држава ги немала“, изјави Мицкоски.
На новинарско прашање дали на разговорите во Брисел може да стане збор и за идејата за уставни измени со одложено дејство, Мицкоски одговори дека не би сакал да коментира, но оти позициите на Владата по ова прашање се јасни.
„Позицијата на ВМРО ДПМНЕ, позицијата на Владата е јасна. Мојата позиција е јасна. Доста беа порази, доста беа политики и дипломатија на свиткана кичма и на бакнување чевли. Сега имаме политика и дипломатија, која што се темели на двонасочна улица. Сакам да зборуваме за вредности, за почитување на човековите права и да знаеме дека ако го отпочнеме преговорите, како што ни беше ветувано во таа 2018 година, дека за три, четири, пет години максимум, ќе го завршиме тој пат и ќе бидеме членка на Европската Унија“, изјави Мицкоски, додавајќи дека се останато се приказни и замки на коишто ниту Владата, а ниту тој како човек, немаат намера да наседнуваат.
Во однос на идејата за уставни измени со одложено дејство, уште и наречена „француски предлог плус“, шефот на дипломатијата Муцински во гостување на МРТ1, изјави дека станува збор за надополнување на сето ова што постои во моментов како фактичка состојба, со цел да бидеме апсолутно сигурни дека од моментот кога ќе ги почнеме преговорите со ЕУ повеќе нема да имаме билатерализација на нашиот пристапен пат.
„Тоа не значи дека некоја земја членка по тој пат нема да може да не блокира по однос на неиспорачување на реформи во делот на јавни финансии или владеењето на правото, но да престанат овие билатерални барања кои што не влечат повеќе од 30 години“, изјави Муцунски.
Според него, тоа може да се постигне преку институциите на ЕУ, доколку Унијата е сериозно посветена кон нас и кон регионот.
„Гаранцијата примарно ја бараме преку институциите на Европската Унија, на начин што ќе има сериозна посветеност не само кон нас, туку и кон регионот. И сметаме дека покрај одложената примена на уставните измени, примената на пресудите на Европскиот суд за човекови права, како и воспоставување на некој систем помеѓу нашата држава и европските институции, може да биде праведлив пат напред“, изјави Муцунски.
Според него, кога има желба кај земјите на ЕУ, ќе се најде начин како да се убеди една членка којашто прави проблем, доколку прашањето е стратешко.
„Ние им велиме патот којшто сте го нацртале ни штети, а ќе ви штети и вам, па дајте да нацртаме нов пат. И не само тоа, туку нудиме и логично решение“, изјави Муцунски, додавајќи дека не треба да поставуваме рокови, туку дека треба да бидеме, конструктивни, проактивни и фокусирани на реформската агенда.
За патувањето на премиерот во Брисел, Муцунски во интревјуто рече дека Мицкоски „ќе го повтори и презентира сето она за кое што е разговарано во последниот период“.
„Тоа што ќе го каже Мицкоски е тоа што го кажуваме подолг период на средбите со нашите меѓународни партнери. Ние сакаме решение, сакаме конструктивни и добри односи, но истовремено не сме за решение по секоја цена, затоа што такво решение не е ниту во наш интерес, ниту во интерес на европските чинители. Секако по овие прашања, се консултираме и со сите наши клучни стратешки партнери. Ние сме земја членка на НАТО, а претендираме да станеме земја членка на ЕУ. Сакаме да бидеме земја што ќе биде симбол за стабилност. Од таа гледна точка, премиерот Мицкоски во Брисел ќе го повтори и презентира сето она за кое што сме разговарале во последниот период“, изјави Муцунски.
„Францускиот предлог плус“ предвидува одложено дејство на уставните измени, односно нивно усвојување пред официјалниот почеток на преговорите за членство во ЕУ, но тие да стапат во сила на крајот од преговарачкиот процес. Ова, според неофицијални информации од МНР, е едно од решенијата што ги нуди македонската Влада за излез од ќор-сокакот во кој се најде земјата на европскиот пат.
Инаку за време на престојот во Брисел, предвидено е Муцунски да се сретне и со генералниот секретар на НАТО во заминување, Јенс Столтенберг и да се обрати на прием организиран во седиштето на Алијансата во Брисел по повод Денот на независноста – 8 септември.