„На седница на Влада ќе побарам робусна, жестока акција од Пазарниот инспекторат затоа што добивам информации дека некои од маркетите шпекулираат и се служат со трикови. Јас со трикови не функционирам и тие што мислат дека ќе функционираат со трикови, се лажат. Не може тоа што на нив им беше дадено како право и можност за едни производи, сега да го прават со драматично зголемување на некои други призводи како маслото, лебот, јајцата, брашното…. Жестоко ќе се спротиставиме со оние што мислат дека нѐ надмудриле. Срамота е ова што го прават пред празниците што доаѓаат. Сакавме да покажеме добра волја, а видете како враќаат. Ова не е коректно и денеска од страна на министерот за економија и труд ќе побарам вонредна инспекција и ова девијатно однесување да престане“, рече Мицкоски по пуштањето во употреба на спортска сала во населено место Црешово во општина Гази Баба.
Со мерката новогодишна кошничка, која важи до 15 јануари, се опфатени повеќе од илјада производи. Беше направена во соработка со трговските и производителите со цел да им се излезе во пресрет на граѓаните за време на новогодишните празници. Надлежните очекуваа намалување на прехранбените производи за околу 10 проценти, но граѓаните се жалат дека не се забележува некое поголемо намалување на цените и дека се зголемени цените на основните прехранбени производи како брашното, зејтинот, јајцата…
Во однос на 250-те милиони евра од првата трашна од унгарскиот кредит кои се наменети за бизнис секторот, Мицкоски рече дека има административни процедури што треба да се завршат и очекува во јануари овие средства да бидат оперативни.
„Во Парламентот треба да помине закон којшто не сакаме да го ставаме на брза лента, туку да помине во редовна процедура“, рече Мицкоски.
Премиерот уште кажа дека во 2025 година ќе растат платите на сите вработени во државата, но нема да растат платите на функционерите.
„Ќе се бориме сите вработени во државата да добијат повисоки плати, ќе работиме на тоа, но нема тоа право да го имаат функционерите. Тоа го кажавме и тоа го правиме. Правиме измена на законското решение со кое што нема да има покачување на функционерските плати. Оваа измена на законот наскоро ќе биде пред пратениците“, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање по поставувањето камен-темелник за изградба на спортска сала во населено место Црешево во Општина Гази Баба.
Нагласи дека смета оти тоа е исправен чекор.
„Ценам дека тоа е исправен чекор иако постои дебата. Ќе продолжиме и во иднина да работиме во интерес на граѓаните и на сите оние коишто не гласале и имаат доверба во нас како Влада“, потенцира Мицкоски.