недела, 16 февруари 2025

Мицкоски по изјавата на Таравари за уставните измени, Коридорот 8 и за Преспанскиот договор

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска го повтори ставот во однос на уставните измени во контекст на продолжување на преговорите со Европската унија, потенцирајќи дека се бара достоинствено решение, а тоа се уставни измени со одложено дејство. Прашан да ја коментира изјавата на неговиот коалициски партнер од Вреди, министерот за здравство Арбен Таравари, Мицкоски кажа дека не се спротиставувал на изградбата на Коридорот 8, но дека бил против Преспанскиот договор.

Објавено на

часот

Сподели

Претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари прашан за уставните измени, побара трпение од една година откако влегоа во Влада, бидејќи како што рече претходната Влада не ги направила уставните измени уште од 2014 година.

Таравари во интервју за ТВ 21 рече дека премиерот Мицкоски ќе ги прифати уставните измени, исто како што тоа претходно го направил со Коридорот 8 и со Преспанскиот договор, на кои иако имал забелешки и бил против нив, сепак ги прифатил.

„Ме радува фактот дека тој е убеден и сигурен 100 проценти дека ние секако дека треба да одиме на патот кон ЕУ. Сега имаше избори во САД, имајте предвид дека тој има блиски пријатели кои се блиски со претседателот Трамп. Но и во Бугарија немаше влада до пред една недела, бидејќи за да се движат овие работи, треба да имаш некого од другата страна со кого да преговараш. Така што, многу сум среќен и сигурен дека г. Мицкоски сака и е сигурен дека ние треба да ги почнеме преговорите, но и тој сака некакви гаранции“, рече Таравари.

Можеме да зборуваме за уставни измени, изјави денеска Мицкоски, но во исто време можеме да зборуваме и за други работи што ние ги бараме, што се дел од изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ позади којашто застанаа повеќе од половина милион граѓани.

„Јас немам намера ниту милиметар да се поместам од тоа што сум го кажувал, го кажувам сега и ќе го кажувам во иднина. Бараме решение, достоинствено решение. Имаме достоинствено решение на маса, а тоа се уставни измени се одложено дејство, повелете да разговараме“, истакна Мицкоски на денешната конференција за медиумите.

Тој ги отфрли наводите дека се спротивставувал на изградбата на Коридорот 8, но кажа дека бил против потпишувањето на Преспанскиот договор со Република Грција.

„Не сум бил против Коридорот 8, но точно е дека сум бил против Преспанскиот договор. И да, точно е, откако на насилен пат се носеа пратеници да гласаат за уставните измени. И откако сето тоа стана реалност, уште во опозиција, пред 4-5 години, реков не можеме да ја игнорираме реалноста, но никогаш не сум бил против Коридорот 8. Тоа што вие го цитирате, не беше така кажано од господинот Таравари, но повторно ќе кажам, во духот на растурање на пердувите, ние ќе се обидеме да ги фатиме. Категорично демантирам дека така беше кажано, ниту сум бил против Коридорот 8, а сум бил против Преспанскиот договор“, одговори Мицкоски на новинарско прашање.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ