понеделник, 14 октомври 2024

Мицкоски: Остануваме фокусирани на ЕУ, но навикнете се на македонски политичари кои не виткаат кичма

Првите 100 дена од изборот на новата Влада не беа лесни, но беа клучен период во кој многу работи станаа јасни – каде сме и каде треба да одиме и што е потребно за да стигнеме таму, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски на прес конференцијата по повод 100 дена од работата на Владата. Изминатите 100 дена ги оцени како успешни и рече дека она што го прави горд и задоволен е тоа што сите оние кои добиле шанса, во најголем дел ја исполниле дадената можност без разлика од која политичка партија доаѓаат.

Објавено на

часот

Сподели

Како што истакна Мицкоски, наследената состојба била многу полоша отколку што кој било очекувал, а состојбите се далеку од идеални.  Тој нагласи дека во првите 100 дена, Владата реализирала, донесла или отпочнала над 100 проекти, мерки и одлуки важни за граѓаните.

Овие 100 дена, како што кажа премиерот, не биле лесни, но биле само почеток.

„Нашата примарна задача и фокус беше да ги стабилизираме финансиските текови, да ги затвориме буџетските дупки и да се справиме со дефицитите и хаосот оставени од претходната влада. Работиме на враќање на долговите, затворање на задолженоста на институциите и јавните претпријатија и имплементација на конкретни мерки во даночната и социјалната политика. Подготвуваме и екипиравме институции, договараме инвестиции кои се значајни за нашата економија и кои ќе отворат многу нови работни места, и работевме и подготвуваме стотици нови проекти“, посочи Мицкоски.

Тој додаде дека оваа Влада се грижи за сите, за најмладите, за старите, земјоделците, работниците, наставниците и професорите, лекарите.

„Обезбедивме за првпат бесплатни учебници за сите на време после долго време. За пасоши и лични документи нема редици, покачивме пензии, исплативме долгови и заостанати плати. Секој ден се обидуваме да покажеме дека делуваме, дека сме присутни со активности, но и да донесеме по некоја нова мерка и се обидуваме да се подобриме, да покажеме дека може поинаку и може подобро“, рече Мицкоски и нагласи дека со поддршка на општините се обидуваат да ја развиваат државата и да обезбедуваат проекти кои ќе подобрат нешто.

Потсети дека за само 100 дена новата влада преку линеарното покачување на пензиите овозможи повисоки пензии за над 330 илјади пензионери, нови странски инвестиции, поевтини катастарски услуги, поевтини лекови преку проширување на позитивната листа, највисока откупна цена за винското грозје, ограничена маржа за над 70 прехранбени производи. Мицкоски најави нови инвестиции, ценовни намалувања, одлуки за инвестиции, но и мерки за младите, намалување на даноците.

Премиерот уште порача дека целта на Владата е до 2026 увозот на електрична енергија да биде на нула.

„Нешто што претставува историска цел, имајќи предвид дека сме увозно зависна држава“, порача Мицкоски.

Тој додаде и дека од 1 јануари 2026 година почнува примената на механизам според кој сите компании кои што извезуваат во рамки на ЕУ мора да покажат дека производите им се произведени со користење на зелена обновлива енергија.

Премиерот Христијан Мицкоски нагласи дека владината коалиција е стабилна и дека и покрај различните мислења за одредени прашања, како што се уставните измени, сепак сите коалициски партнери се обединети околу стратешките прашања.

Прашан дали кога ќе биде готов автопатот Кичево-Охрид, Мицкоски рече дека тоа ќе биде до крајот на 2026 година, како што беше ветено во кампањата.

„Наследивме катаклизмична состојба со инфраструктурните проекти. Конечно оние два фамозни километри од автопатот кон Блаце се завршени и наскоро ќе бидат пуштени во употреба. Остануваат да се реализираат уште 10-тина километри. Тој проект наскоро ќе почне со реализација“, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање.

Најави дека завршува градбата на експресниот пат Чатал-Длабочица-Крива Паланка кој е дел од коридорот 8 што треба да го поврзе Куманово со граничниот премин Девебаир со Бугарија. Привршуваат, како што кажа, и работите на експресниот пат Градско-Росоман-Фариш и се очекува до крајот на годината да биде пуштен во употреба.

Премерот Мицкоски се осврна и на издвојувањето на Албанија од земјава во процесот во евроинтегративниот процес,  напоменувајќи дека по ова прашање двете битни позиции се дека Владата никогаш нема да остапи од полноправното членство во ЕУ, но и дека никогаш нема да направи нешто што е спротивно на националните интереси и стратешки определби на граѓаните.

„Ја уверувам македонската јавност за две работи. Како прво да веруваат дека оваа Влада нема да направи ништо спротивно на интересите на граѓаните, на националните интереси и стратешки правци на граѓаните. Нема никогаш да направи ниту една отстапка која ќе значи дополнително понижување и срам за македонските граѓани, без разлика, дали се тоа Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Роми, Бошњаци или останати. Вие сте оние на кои им го должиме сето она кое што денеска го претставуваме. Вашиот интерес е наша заповед, а ние ќе фукционираме како ваши слуги. Втора работа, втора моја порака е дека како Влада никогаш нема да отстапиме од нашата втора стратешка цел, а тоа е полноправно членство од ЕУ и ако треба ќе разговараме со кого било и ако треба ќе разговараме колку и да е потребно за да дојдеме до договор и компромис, кој е достоен, кој нема да повторно да ги повреди чувствата на македонскиот народ, но и на останатите кои живеаат заедно со него“, изјави Мицкоски.

Тој смета дека и двете стратешки цели може да се реализираат и дека не се во конфликт една со друга.

За тоа што конкретно ќе преземе за продолжување на патот на евроинтеграциите, Мицкоски одговори дека фокусот останува на ЕУ, на работата дома, на внатрешните реформи, но без дополнителни понижувања и отстапки.

„Ќе мора да се навикнете на македонски политичари кои не коленичат, не виткаат кичма и додека го ограбуваат својот народ не потпишуваат договори на штета на својот народ и на своите граѓани. Мора да се навикнете на политичари кои се грижат за своите граѓани, кои работат за своите граѓани чесно и одговорно, без истите да ги понижуваат, ограбуваат. А фокусот на оваа Влада, како што кажав, останува кон ЕУ и исполнување на нашата втора стратешка цел, а тоа е полноправно членство во рамките на ЕУ. Не сме сами, имаме многу пријатели, многу пријатели кои се дел од европското семејство. Продолжуваме да градиме пријателства коишто се дел од европското семејство. Ако мислите дека треба да ги полираме чевлите на некои од политичарите и земјите-членки на ЕУ и дека тоа е начинот и правиот пат, простете јас не сум добар соговорник. Со мене може да се разговара само врз основа на аргументи“, рече Мицкоски.

Во врска со одбивањето од страна на Бугарија на посредништвото, кое го понуди унгарскиот премиер Виктор Орбан за приближувањето на ставовите Скопје-Софија, Мицкоски рече дека жали што Бугарија има таков став, но изрази подготвеност за натамошни разговори.

„Треба да се разговара, преговара, додека не се постигне решение и токму тоа го понуди мојот личен пријател и пријател на Македонија, господинот Виктор Орбан. Еве ние претседаваме со ЕУ, дојдете да седнеме да разговараме да помогнеме колку можеме, прифатив, покажав конструктивност, жалам што нашиот источен сосед не прифати, јас стојам на располагање, ќе прифатам, нека кажат каде, колку е потребно да разговараме со денови, со часови, сѐ да ставиме на маса да го решиме ова еднаш засекогаш“, истакна Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.

Во врска со изјавите на дел од неговите коалициски партнери од Вреди, односно вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити, кој рече дека е уверен оти уставните измени ќе бидат донесени до крајот на годината, Мицкоски повторно направи паралела со Преспанскиот договор и го спомена првниот принцип pacta sund servanda, кој смета дека треба да важи и за Договорот со Бугарија, каде нема одредба за уставни измени како услов.

На опозицијата и порача да биде конструктивна и силна и наместо со обвинувања, да се натпреварува со политики кои ќе донесат подобар стандард на граѓаните.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ