петок, 8 ноември 2024
Од заедничката прес-конференција на премиерот Христијан Мицкоски и претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен

Мицкоски: Очекуваме Европската Унија да го препознае нашиот напредок

Премиерот Христијан Мицкоски, на прес-конференцијара по средбата во Владата со претседателката на Европската комисија, истакна дека очекува од Европската Унија да го препознае нашиот напредок и да продолжи да ни дава поддршка во процесот на евроинтеграции.

Објавено на

часот

Сподели

Во оцената за средбата, Мицкоски нагласи дека  од „исклучителна важност за иднината на нашата држава и за натамошно динамизирање на европските интеграции, кои се врвен стратешки интерес, приоритет и цел“.

„ Остануваме цврсто посветени како Влада на својот пат кон полноправно членство во Европската Унија. Нашата визија е јасна, сакаме да бидеме дел од европското семејство, споделувајќи ги истите вредности на демократија, владеење на правото и почитување на човековите права. Свесни сме дека пред нас стојат значајни предизвици. Реформите кои ги спроведуваме во областите на правосудството, борбата против корупцијата, економскиот развој и зајакнувањето на институциите се клучни за нашата иднина. Овие промени не се само услов за членство во ЕУ, туку се неопходни за подобрување на животниот стандард на сите граѓани“, рече Мицкоски на заедничката прес-конференција со Урсула фон дер Лајен.

Исто така тој истакна дека Владата високо ја цени заложбата на претседателката на ЕК за проширувањето на Европската Унија во најскоро време.

„ Во овие услови на променета геополитичка ситуација во светот, нашата земја останува стабилен, сигурен и посветен партнер на ЕУ. Но, очекуваме Европската Унија заедно со нас да помогне во изнаоѓањето на начини како да продолжи нашиот европски интегративен пат, истовремено уважувајќи ги легитимните ставови на нашите граѓани дека во иднина нема да се соочуваме со барања кои се во длабока спротивност со идеите на кои што почива самата ЕУ“, порача Мицкоски.

Во своето обраќање, македонскиот премиер изрази очекување од Европската Унија „да го препознае нашиот напредок и да продолжи да ни дава поддршка во овој процес“.

„Очекуваме од Европската Унија да го препознае нашиот напредок и да продолжи да ни дава поддршка во овој процес, зашто многу е важна поддршката. Веруваме во принципот на фер и заслуги, и верувавме дека нашите континуирани напори ќе бидат соодветно вреднувани. Нашата цел е јасна, но патот до неа бара заеднички труд. Соработката, дијалогот и меѓусебното разбирање кои што се од суштинско значење. Убедени сме дека заедно можеме да ги надминеме сите пречки и да изградиме подобра иднина за нашите граѓани“, нагласи премиерот Мицкоски.

Тој изрази благодарност до претседателката на Европската Комисија за нејзината лична посветеност и поддршка, нагласувајќи дека „со нетрпение очекуваме да продолжиме соработката и да го забрзаме нашиот пат кон полноправно членство во Европската унија“.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ