петок, 27 септември 2024
ВМРО-ДПМНЕ одбележува 34 години од формирањето

Мицкоски: Ќе работам за македонско национално единство, членството во ЕУ ќе биде наша цел

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за формирање на влада, Христијан Мицкоски, денеска во обраќањето по повод 34 години од формирањето на партијата, истакна дека како претседател на партија која работи за македонско национално единство, подава рака на СДСМ за дијалог за сите крупни прашања за државата и од важност на граѓаните. Тој рече дека ќе се бори за остварување на стратешките цели како што се членството во Европската Унија и добрите релации кон стратешките партнери. 34 години по формирањето, Мицкоски оцени дека ВМРО-ДПМНЕ е обединета, силна и останува партија на народот.

Објавено на

часот

Сподели

„Тие непринципиелни коалиции и преговори под маса, јас нема да ги правам и нема да им работам позади грб, ниту ми паѓа на памет да им се мешам. Тие од мене, како претседател на партија која посакува и работи за македонско национално единство имаат подадена рака за дијалог за сите крупни прашања за државата и од важност на граѓаните. Им подавам рака за македонско национално единство за сите важни прашања за државата. Посакувам да ги надминат огромните проблеми и да седнеме на маса да разговараме за иднината на нашата татковина“, ѝ порача Мицкоски на СДСМ.

Сето ова не треба да се сфати како амнестирање од одговорност, појасни Мицкоски, нагласувајќи дека во нив гледа партнер со кого имаат заедничка одговорност кон сегашните и идните генерации за создавање на единствени државни позиции.

ММицкоски сеосврна и на коментарите дека ВМРО-ДПМНЕ „премногу ѝ дала на коалицијата Вреди.

„Тоа е  ноторна измислица. Замислете тие кои коленичеа во Речица кои седум години беа главни измеќари на ДУИ нам кои повративме најмалку три четвртини од позициите кои ги изгубија ни велат дека сме дале премногу. Сакам да кажам, додаде тој, дека ние не даваме, ниту земаме, затоа што Македонија е заедничка држава и се додека албанските и другите коалициони партнери работат по закон и во интерес на државата ќе бидеме еднакви партнери во Владата“, рече Мицкоски.

Тој кажа дека ќе се бори за остварување на стратешките цели како што се членството во Европската Унија и добрите релации кон стратешките партнери.

„Владата која ќе ја создадеме е посветена на враќање на Македонија на нејзиното вистинско место како просперитетна, праведна и динамична демократија. Но ние немаме да се загубиме на тој пат преку непринципиелни договори штетни за државата. Нашиот излез ќе биде нашата работа, нашата иднина ќе биде нашата сила добиена од волјата на народот“, рече Мицкоски.

Нивната носечка цел, како што дополни, е да ја обноват довербата во институциите на државната власт, да ја елиминираат корупцијата и да обезбедат владеење на правото.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека следуваат, како што рече „многу нови и убави работи во првите сто дена“ и вети беспоштедна работа за заедничка иднина.

34 години по формирањето, Мицкоски оцени дека ВМРО-ДПМНЕ е обединета, силна и останува партија на народот.

„ВМРО-ДПМНЕ е обединета, силна и останува она што била отсекогаш-партија на народот. Партија која му припаѓа на членството затоа што ВМРО-ДПМНЕ не се овие костуми и вратоврски кои ги носиме, ниту просториите кои ги имаме, туку духот и жарот на оние браќа и сестри по комитетите, месните штабови, и народот кој не пратеше и поддржуваше по улиците. Тој непрегор и вулкан на душата и умот кој со голема енергија и љубов се бореше Македонија да ја вратиме кај народот и да биде повторно наша заедничка и единствена, и тоа е битка која сега зависи само од нас, и стремеж во кој ние немаме опција да не успееме“, истакна Мицкоски на одбележувањето на 34-годишнината од основањето на партијата.

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ