четврток, 12 декември 2024

Mицкоски: Има потенцијален инвеститор за когенеративна централа

Има потенцијален инвеститор што сака да инвестира една милијарда евра во когенеративна гасна постројка, најави премиерот Христијан Мицкоски по завршувањето на бизнис форумот „Дијалог помеѓу бизнис секторот и Владата“ што денеска се одржа во Скопје во организација на Стопанската комора на Македонија-Турција – МАТТО.

Објавено на

часот

Сподели

Тој нагласи дека во текот на денот е веќе закажан состанок со потенцијалниот инвеститор и додаде дека работат на неколку такви проекти за изградба на когенеративни постројки, кои како што кажа, се единствен начин да се намали загадувањето предизвикано од затоплувањето на домовите со дрва, дрвен отпад, неретко и гуми поради економската состојба.

„Единствен начин за да делуваме веднаш во овие средини е ваквото греење да биде заменето со друг енергенс прифатлив за нив, а тоа е централно затоплување. Како ќе дојдеме до најевтино централно затоплување – преку градба на когенеративни гасни постројки коишто во текот на зимата кога ни треба ќе произведуваат и електрична енергија и истовремено ќе произведуваат топла вода која што преку топловоди ќе биде дистрибуирана до тие средини кои денеска користат сосема поинаков енергенс кој, за жал, емитува ПМ 2,5 и ПМ 10 честички во воздухот и тоа е 60 проценти од факторот што влијае врз загадувањето“, изјави Мицкоски.

За потенцијалната инвестиција се разговара за пазарни услови. „Моја цел е и државата да биде дел од пакетот, да биде косопственик во самата инвестиција со земја, со приклучоци… цениме дека приватните инвеститори кои имаат пристап до гасот можат на многу поедноставен и пофлексибилен начин да го донесат тука отколку државата“, рече Мицкоски.

Доколку сѐ биде како што треба со преговорите, додаде, проектот ќе треба да почне да се реализира во текот на наредната година и да биде готов за три години.

Акционерското друштво за производство на електрична енергија ЕСМ и државната компанија СОКАР од Република Азербејџан потпишаа Меморандум за разбирање со цел зајакнување на енергетската стабилност во земјава. Соработката се фокусира на подобрување на достапноста и проширување на можностите за набавка на природен гас, со цел да се обезбеди стабилно, континуирано снабдување по конкурентни цени, во согласност со позитивните законски прописи, соопштија од ЕСМ.

Овој Меморандум е во насока на напорите на државата да обезбеди природен гас, додека СОКАР има за цел да го зголеми своето присуство на регионалниот пазар.

СОКАР е интегрирана компанија која со еколошка свесност врши дејности за производство, транспорт и продажба низ целиот свет и притоа стратешки го поддржува растот на научниот, техничкиот, економскиот и интелектуалниот потенцијал на Република Азербејџан. Компанијата активно ја промовира транзицијата кон зелена економија со развој на проекти за соларна, ветерна и водородна енергија. Преку примена на напредни и еколошки технологии, СОКАР зазема клучна позиција во регионалните и меѓународните енергетски проекти на Азербејџан и на Европа.

ЕСМ обезбедува највисок процент од домашното производство на електрична и на топлинска енергија. Стратешка цел на компанијата е креирање платформа за транзиција кон зелената енергија со фокус на проекти од обновливи извори.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ