Според заклучоците на Европскиот совет Македонија нема да продолжи во втората фаза од преговорите за членство без уставни измени за впишување на Бугарите во Уставот.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија деновиве брифираа дека сега се бара начинот како овој предлог да биде претставен. Францускиот предлог е услов за отворање на поглавјата од преговорите, а ние бараме начин да се избегне билатерализација на преговарачкиот процес, односно некаква гаранција дека Бугарија понатаму нема да поставува вета за Македонија за билатерални прашања и нејзини интереси.
Оваа влада смета дека со дијалог може да се најде разбирање за македонскиот предлог за одложено дејство на уставните измени. Инаку, францускиот предлог од европски експерти веќе е оценет како неевропски. Оттука, Македонија бара еден вид гаранции за избегнување на билатерализацијата преку институциите на ЕУ.
„Францускиот предлог плус е дополнување на сето ова што постои во моментов како фактичка состојба на таков начин што ние ќе бидеме апсолутно сигурни, без никаква дилема, дека од моментот кога ќе ги почнеме преговорите со ЕУ, понатаму нема да имаме билатерализација на нашиот пристапен пат. Тоа не значи дека некоја земја членка нема да може да нѐ блокира на тој пат, по однос на неиспорачување реформи во делот на јавни финансии, по однос на неиспорачување реформи во делот на владеење на правото…, но да престанат овие билатерални барања што повеќе од 30 години нѐ влечат нас“, изјави во интервју министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски пред патувањето во Брисел.
Муцунски во интервјуто наведува дека таквите гаранции можат да се постигнат преку институциите на ЕУ доколку Унијата е сериозно посветена на проширувањето.
„Гаранцијата примарно ја бараме преку институциите на Европската Унија, на тој начин што ќе има сериозна посветеност не само кон нас, туку и кон регионот. И сметаме дека покрај одложената примена на уставните измени, примената на пресудите на Европскиот суд за човекови права, како и воспоставување некој систем помеѓу нашата држава и европските институции, може да биде праведлив пат напред“, изјави Муцунски.
Овој предлог, одложено дејство на уставните измени кои би биле изгласани во македонското Собрание, но со важење од формалното стапување на Македонија како членка на ЕУ, во македонската јавност го доби името како „француски предлог плус“.
И денес и утре на средбите во Брисел, Мицкоски и Муцунски ќе продолжат со претставувањето на овој предлог пред европските партнери.
Остануваат дилемите колку се реални изгледите овој предлог да биде прифатен во Брисел.
Експерти од Брисел коментираат дека овие барања поставени пред Македонија не се во согласност со принципите на Унијата и затоа треба овие непринципиелни неправди да бидат исправени. Во францускиот предлог е вградено непочитувањето на европските принципи на територијалниот интегритет, малцинските права, јазик и култура на соседни суверени држави, почитување на нормите на меѓународното право, на конвенциите, на основните човекови права…, велат екпертите кои потсетуваат дека европските земји се обединија околу идејата за слободна и праведна Европа.
А.Д.