„Како Влада, остануваме целосно посветени на борбата против неправедните трговски практики и злоупотребите кои директно влијаат на животниот стандард. Во духот на солидарноста, го разбирам повикот за бојкот на маркетите, како чин на граѓански отпор против монополското однесување и општествената неодговорност на поединечни трговци. Имам јасни сознанија дека одредени субјекти на шпекулативен начин се обидуваат да генерираат огромни профити на грбот на граѓаните. Ова е неприфатливо и нема да биде толерирано!
Ве уверувам дека преземаме конкретни мерки. Денес остварив средба со членови на Комисијата за заштита на конкуренцијата, министерот за економија, заменик министерот за економија и директорот на пазарната инспекција. Наложив засилени контроли и итна реакција на терен.
Тие имаат јасна задача – да го проверат однесувањето на трговците и да спречат какви било злоупотреби. Ќе инсистирам на транспарентност и ригорозни казни за сите кои ќе се утврди дека го изигруваат законот и ги злоупотребуваат граѓаните и добавувачите. Заедно ќе се спротивставиме на сите кои мислат дека ќе се богатат на наша сметка.
Ќе се справиме со овој проблем и ќе направиме сè што е во наша моќ за да го заштитиме животниот стандард на сите наши граѓани! Во исто време, ќе продолжиме и со субвенционирање на најпогодените категории на граѓани за дополнително да ги минимизираме негативните ефекти од растот на цените.
Ги повикувам сите надлежни институции, но и трговците, да се однесуваат со максимална одговорност и почит кон народот. Ова се времиња на чесност, фер игра и солидарност! Заедно ќе изградиме систем кој ќе биде во корист на сите, наспроти интересите на неколкумина кои сакаат да се богатат на маката на граѓаните“, напиша Мицкоски на фејсбук.