Минатата недела на берзата во неколку блок трансакции се продадоа голем дел од акциите на „Македонијатурист“ по цена од 9.500 денари за акција, или за вкупна сума од над 5 милиони евра.
Други позначајни акционери на „Македонијатурист“ остануваат да бидат Доне Таневски, со пакетот од 23,4 отсто, потоа Сава пензиски фонд со 8,8 проценти, Симеон Павлов поседува 8,19 проценти, компанијата „Изостоне“ има 6,62 проценти од капиталот, а самата „Македонијатурист“ поседува 10 отсто сопствени акции. Уште 380 домашни физички лица поседуваат помали проценти акции во Македонијатурист.
Основач и сопственик на компанијата „Изостоне“ е Саудин Реџепи од Градец, Врапчиште, а тој е и управител на компанијата.
Симеон Павлов е нов акционер на „Македонијатурист“, а е поврзан со компанијата „Чеза комерц“, формирана во 1990 година.
„Македонијатурист“ поседува 4 хотели, а за периодот јануари – септември годинава инкасирале 5 милиони евра од продажба на угостителски и хотелиерски услуги. Приходите од продажба на „Македонијатурист“ годинава се за 1,1 милиони евра повисоки од истиот период лани, покажуваат официјалните податоци од неревидираниот биланс на успех што компанијата го објави неодамна. Оперативната добивка на „Македонијатурист“ годинава е подобрена значајно во споредба со истиот период во 2023 година. Поточно оперативната добивка е зголемена за повеќе од 3 пати во споредба со лани и годинава таа изнесува 1,45 милиони евра.
„Македонијатурист“ поседува акции во „Комерцијална банка“ и удели во инвестициски фондови.
Вкупната нето добивка за девет месеци е 2,6 милиони евра. Во однос на лани добивката е удвоена.