„Овие денови клучното прашање е иднината на Германија и Европа“, кажа Меркел.
Таа голем предизвик гледа во финансирањето на одбранбените трошоци. Нема да можеме да поминеме со издвојувања од само два отсто од БДП“, порача таа.
Зборуваше и за прашањето на миграциите, кои беа пресвртница во нејзината политичка кариера, особено кога не ги затвори границите на Германија, овозможувајќи влегување на стотици илјади бегалци. Таа смета дека проблемот со нелегалната миграција не може да се реши само на национално ниво.
„Тоа останува европска задача, која може да се реши само во договор со соседните држави“, кажа Меркел и истакна дека главниот предизвик е всушност во земјите од каде бегалците доаѓаат.
Меркел зборуваше и за американскиот претседател Доналд Трамп.
„Суштината е во тоа што тој точно знае што му е важно“, кажа поранешната германска канцеларка, опишувајќи го како типичен бизнисмен. „Ако сакам одредено парче земја, можам да го добијам јас или некој друг. Но политиката не функционира секогаш на тој начин“.
Таа потсети на ситуацијата кога Трамп одби да ѝ пружи рака, истакнувајќи дека тој умее да се стави себеси во центарот на вниманието како никој друг.
Оцени дека постои само уште еден светски лидер кој на сличен начин ја поларизира меѓународната политика – рускиот претседател Владимир Путин.
„Тој нападна суверена држава, Украина. Со тоа не само што го прекрши меѓународното право, туку и го разурна европскиот повоен поредок“, кажа Меркел, истакнувајќи дека се залага за дипломатско решение на конфликтот.
„Само воени средства нема да бидат доволни. Можеби сега сме поблиску до договорено решение отколку пред неколку недели. Политиката мора да ги поврзе навидум непомирливите ставови – не можат да постојат само црвени линии“, порача Меркел, изразувајќи надеж дека Европа, а ако е можно и Соединетите Американски Држави, же направат сè за Украина да остане независна држава.
„Украина мора да остане суверена“, заклучи Меркел.