Тој додаде дека на состанокот со кинескиот лидер биле покренати темите за Украина и за Сирија, како и прашањата за билатералната соработка, „земајќи ги предвид промените во меѓународната политика, вклучително и сириската криза”.
Одговарајќи на прашањата на новинарите за ситуацијата во Сирија, Медведев рече дека не е сигурен дека единството на Сирија по промената на власта во земјата ќе може да се одржи, дека сите народи и претставници на различните вери ќе можат да продолжат да постојат заедно.
„Уште не сум го чул одговорот на прашањето како ќе може да се пронајде консензус за интересите на сунитите, шиитите, алавитите, друзите и на христијаните”, истакна тој.
Медведев потсети дека Русија во одреден период ѝ даде сериозна поддршка на владата на поранешниот сириски претседател Башар ал Асад, бидејќи „сфати какви закани претставува можниот колапс на Сирија за целиот свет според сценариото на другите земји од Блискиот Исток”.
„Тогаш овој вид поддршка беше ефикасен, меѓутоа, се разбира, внатрешната состојба зависеше од администрацијата, владата на поранешниот претседател на Сирија Башар ал Асад”, рече Медведев одговарајќи на прашањата на новинарите.
Коментирајќи ги изјавите на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп дека би можел да го оконча судирот во Украина „за 24 часа”, Медведев рече: „Јас ќе молчам за можноста да се реши олку сложена криза во еден ден, мислам дека тоа сепак е дел од изборните слогани”.
Медведев престојува во дводневна работна посета на Кина.