петок, 4 октомври 2024

Меџити најави реформи во здравствениот систем, ќе имаме центричен систем

Објавено на

часот

Сподели

„Врз основа на детална анализа, која ја спроведе Министерството за здравство, со поддршка од останатите надлежни институции и во соработка со Светската здравствена организација, се увиде потребата од воведување системски решенија за трансформација на примарната здравствена заштита, што претставува основа на целиот здравствен систем“, информираше министерот Фатмир Меџити.

Тој појасни дека трансформирањето на системот на ПЗЗ е во насока на модернизирање и интегрирање на услугите со други области на здравствениот систем, со посебен фокус на хроничните заболувања, како и трансформација на здравствениот систем од дијагностичко ориентиран – во пациент центричен систем.  

На овој начин, нагласи тој, се врши растоварување на секундарното и терциерното здравство, преку засилување на улогата на матичните лекари, како и намалување на административните процедури за препишување на хронична терапија.

„Паралелно со тоа ќе овозможиме поголем број лекари од општа пракса да имаат специјализација по семејна медицина, со цел пациентите да добијат што е можно повеќе здравствени услуги на едно место – ЕКГ, ЕХО, доплер, спирометрија, проширен ЛУ1 пакет и слично“, појасни министерот.

Сите овие активности, рече тој, кои се дел од реформата на ПЗЗ, се реформска мерка и во програмата за економски реформи на Владата за периодот 2023-2025, а доставен е и предлог да влезат во новата стратегија на Светска банка за партнерство со нашата држава за периодот 2024-2028 година.

„Неделава ја посветуваме на промоција на новините во системот на примарна здравствена заштита, отпечатени се информативни брошури со поддршка од СЗО, завршена е едукацијата  за 700 матични лекари за новиот  правилник за препишување лекови и во следните неколку дена планираме посети во повеќе здравствени домови во државата, со цел одблиску да ги запознаеме пациентите и докторите со овие новини“, информираше Меџити.   

Одговарајќи на новинарско прашање, тој појасни дека одреден пациент од Крива Паланка, од Ресен или од Струга, што треба да стане во пет часот наутро и да патува со возило, со автобус, да изгуби работен ден, тој што има постари родители и да дојде да потпише за терапија, таа конзилијарната терапија што се препишува само на терцијарно здравство, односно на Клинички центар, отсега натаму ќе се препишува кај фамилијарните доктори.

„Ова е една од првите големи промени што ќе се случат во примарната здравствена заштита. Знаете, еден таков член на фамилија кога имате болен треба да дојдете во Скопје тој ден да потрошите и ден и да потрошите најмалку за превозни средства околу 2-3 илјади денари и тоа пациентите најдобро го знаат. Ова е првата мерка што ви ја најавив и првиот ден кога стапив како министер со мојот кабинет. И понатаму ќе следат и другите сите промени. Воедно да кажам дека во примарната здравствената заштита еднаш засекогаш правиме децентрализација на здравство, тоа што не успеавме еве со општините, со локалната власт да го направиме индиректно, ние преку примарната здравствена заштита ќе направиме децентрализација тотално на цело здравство низ цела држава. И едно да ви е јасно и на целата јавност дека еднаш засекогаш работите во здравство ќе почнат да се решат кога ќе имаме добра основа, кога ќе ги имаме овие промени во примарната здравствена заштита“, подвлече министерот.  

Тој изрази посебна благодарност до Канцеларијата на Светската здравствена организација за континуираната техничка помош и поддршка за зајакнување на здравствениот сектор во нашата држава, како и до сите колеги и соработници, вклучени во процесот, кои активно придонесуваат за унапредување на здравствениот систем и приближување на здравствените услуги поблиску до пациентите.

Министерот, одговарајќи на новинарско прашање, изјави дека се работи на ажурирање на „Мој термин“.

„Имаме идеја и за тоа како да го направиме и работиме со тимовите што побрзо тоа да можеме да го сведеме на минимум чекањето за термини за било што, за дијагностика или за обични прегледи кај специјалисти“, нагласи министерот.

Поконкретно за новините во системот на примарна здрaвствена заштита, информираше доктор Злате Мехмедовиќ, координатор на реформите во примарната здравствена заштита.

Во заклучоците од анализата, тој рече дека упатствата за скрининг не се систематски имплементирани, а случаите се откриваат доцна, често како акутни случаи, ретко се дијагностицираат на асимптоматски пациенти.

„Хипертензијата и дијабетесот обично се дијагностицираат доцна, со манифестирани симптоми или развиени компликации во болнички услови. Оваа анализа покажа дека пациентите што ќе бидат дијагностицирани како дијабетичари или хипертоничари, се на третман со лекови. Сепак во студијата 27 отсто од оние кои беа идентификувани со трет трет степен на хипертензија и 41 отсто од оние кои беа откриени со хипертензија од втор степен, беа на монотерапија во времето на прегледот на медицинските податоци“, посочи Мехмедовиќ.

Зборувајќи за ПЗЗ, сега повеќе од кога било, тој рече дека матичниот лекар е сеопфатно едуциран и компетентен да се грижи за хроничното заболување, согласно упатства пропишани од експерти.

„Проширена е листата на лекови и лабораториски упати што може да ги препишува матичниот лекар. Медицинската сестра е целосно едуцирана за унапредување на вашето здравје и за превенција на болести.Тимот лекар и сестра на ниво на ПЗЗ знаат точно што, каде и како треба да се направи за подобрување на здравјето.Тие го следат хроничното заболување и подобро го контролираат.Визијата за подобро здравство е, повеќе здравје поблиску до местото на живеење“, нагласи тој.

Говорејќи за следни чекори, тој се осврна на обезбедување на специјализација по семејна медицина за лекари кои веќе работат како избрани лекари, надградба на софтверски модули во системот на „Мој термин“ за обрасци и модул за паметни упатувања кои преку е-клиничките упатства ќе помогнат при носење одлуки за услугите и ќе ја подобрат координацијата со секундарната здравствена заштита, креирање на нов профил медицинска сестра во ПЗЗ и развој на систем за електронско закажување кај избран лекар, опремување на одинациите на избраните лекари со сет за витални знаци – отоскоп, риноскоп, офталмоскоп, апарат за крвен притисок, стетоскоп, ЕКГ и инхалатор, опремување на избраните лекари групирани по тројца по региони со: спирометар и ЕХО, обезбедување финансиски средства за втора сестра и/или администратор и стимулација избраните лекари кои се специјалисти по семејна медицина, изготвување на упатства за избраните лекари од примарната здравствена заштита за дополнителни пет заболувања, изготвување на упатства за избраните лекари гинекологија, изготвување на упатства за избраните лекари педијатри.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ