вторник, 3 декември 2024

Mедарски до Дамева: Скандалозен е обидот на колегиумот да го продолжи вашиот мандат!

Нема никаква правна основа за продолжување на времетраењето на мандатот на претседателот на Судскиот Совет, реагира адвокатот Филип Медарски на обидот на претседателката на Судскиот совет Весна Дамева со одлука на колегиумот да си го продолжи мандатот за уште осум месеци.

Објавено на

часот

Сподели

Вчера претседателката на Републичкиот судски совет Весна Дамева во ијзва за јавноста вели дека имала право да остане уште 8 месеци на чело на оваа правосудна институција. На оваа одлука реагираа повеќе политичари, судии, обвинители и адвокати. Тие тврдат дека без разлика на сѐ, нејзиниот мандат завршува за една недела.

Адвокатот Медарски вели дека не смее со помош на колегиум, надвор од законот, Дамева да остане на позицијата подолго од 5 декември.

„Законот за Судски совет не дава таква можност. Мандатот е фиксно определен на времетраење од две години и не е пропишана можноста за негово продолжување доколку поради фактички или правни пречки неговиот носител за определен период не може да ја извршува функцијата. Argumentum a contrario, законодавецот во повеќе процесни закони изречно пропишува кога определени рокови не течат и како тоа влијае на вкупниот рок. Тоа е во ситуации кога протекот на рокот доведува до губење на определени права и заради тоа има логика рокот да не тече за определен период.

Мандатот има сосема друга правна природа, подразбира вршење на јавни овластувања и заради тоа оваа логика не е апликабилна. Во овој контекст, сосема е погрешен резонот дека ‘мандатот треба фактички да се извршува две години’. За ниту еден мандат во државата ова не важи, зошто би важело за мандатот на претседателот на Советот?

Така, доколку било кој избран или именуван функционер за определен период фактички не може да го врши мандатот, било поради болест или која било друга причина, тоа не значи дека мандатот ќе се продолжи за тој период. Со ваквото резонирање, Судскиот совет ја дерогира и сопствената Одлука (за враќање на претседателот на Советот на позицијата) со која одлучува дека претходната Одлука од 5.12.2022 година останува во сила, што значи дека доколку таа Одлука останува на сила, времетраењето на мандатот е до 5.12.2024 година и тоа е тоа, нема можност за продолжување.

Во случајов посебно загрижува начинот на кој Судскиот совет се обидува на мала врата да го протурка ова решение. Да се одлучува за ова прашање на состанок на колегиум, со заклучок, сметам дека е во најмала рака скандалозно”, вели адвокатот Медарски запрашан за изјава во врска со случајот.

Дамева е убедена дека има право да биде претседателка на Судскиот совет уште осум месеци, периодот кога нејзиниот мандат беше прекинат – од 26 април 2023 до 3 јануари 2024.

Она што е интересно во целиот овој случај, случајно или не, со оваа одлука на колегиумот на РСС, Дамева сака да остане на чело на оваа институција додека се реши предметот на нејзиниот сопруг кој трае 18 години.

Дамева вчера соопшти дека согласно членот 8 став 2 од Законот за Судскиот совет, мандатот на претседателот на Советот трае две години, но, исто така, додава таа нејзиниот бил прекинат од 26 април 2023 година, кога незаконски беше смената од функцијата, до 3 јануари 2024 година.

„Навистина изненадуваат толкувањата за некакво продолжување на мандатот надвор од утврдениот законски период од 2 години, при постоење на неспорен факт дека при извршување на истиот, постои прекин. Јавноста има право да знае за секоја донесена одлука на Судскиот совет, но во конкретниот случај, ниту е донесена одлука, ниту постои основ за донесување на истата бидејќи по истекот на мандатот на претседателот на Советот како точка на дневен ред задолжително како законски основ се констатира единствено престанок на мандатот“, вели Дамева во соопштението.

„На јавноста ѝ е добро познато дека функцијата претседател на Судскиот совет фактички не ја извршував две години, па од почит према јавноста и Вас, новинарите сметав за потребно да известам за овие околности, пласирани од поединци, на кои очигледно им пречи претседавањето на Судскиот совет од моја страна. Ова особено од причина што во изминатиот период во Судскиот совет, по сите предмети се постапува брзо и ажурно, а Советот бележи исклучителни резултати во насока на подобрување на состојбата, со цел имплементација на препораките на Оценската мисија на ЕУ. Лично сметам дека на граѓаните воопшто не им е важно кој е претседател на Судскиот совет, кое е внатрешно, интерно прашање на Советот, но многу им е важно дали претседателот ја извршува својата работа совесно, стручно и согласно закон и дали се постапува навремено и законито во врска со иницираните предмети, претставки и барања за утврдување на одговорност“, вели Дамева.
Потпретседателот на Собранието Антонио Милошоски објави дека се прави противзаконски обид за продолжување на мандатот на претседателката на Републичкиот судски совет (РСС).

Во Апелацискиот суд во Скопје актуелен е предметот во кој сопругот на Дамева, Младен Дамев, како одговорно лице на „Скопски пазар“ бара околу 700 илјади евра од поранешен акционер во оваа компанија. Во текот на овој осумгодишен судски процес донесени се бројни сомнителни одлуки на Дамева поврзани со унапредувања на судии и препораки до Апелацискиот суд.

Меѓу многуте апсурдни ситуации во овој случај треба да се каже дека во септември 2023 година се носат измени на Кривичниот Законик со кои искористувањето на службената положба како дејствие на извршување на кривичното дело злоупотреба од ставот 1 од членот 353 се декриминализира. Измените стапуваат на сила на 14.09.2023 година и делото кое се водело токму по овој член автоматски требало да запре.

Но, и покрај декриминализацијата на делото, на истиот ден, односно на 14.09.2023 година, донесена е пресуда, со која обвинетите се осудени за делото злоупотреба на условна осуда и истите се задолжени да ја надоместат „штетата” од 40.261.735 денари.

Два месеца подоцна, судијката која го суди предметот, е унапредена за судија во Апелациониот суд Скопје, а моќната сопруга на тужителот „нема проблем” со унапредувањето.

А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ