Погребот на младиот тркач Андреа Папи беше денеска. Преку генетско тестирање било утврдено дека тркачот бил нападнат од 17-годишна мечка идентификувана како ЈЈ4. Во јуни 2020 година, истата мечка нападнала татко и син. Тогаш покраинската влада издаде наредба да се убие мечката, но судот ја поништи.
Овој пат властите решија да ја еутаназираат мечката. „Правиме сѐ што можеме за да ја лоцираме мечката и да ја обезбедиме сигурноста на локалното население“, изјави Маурицио Фугати, претседател на регионот Трентино.
Папи трчал низ селото кога бил нападнат и убиен, што предизвика страв кај жителите. Многумина повикаа на фаќање на мечката и побараа промени во европскиот план „Лајф Урсус“, чија цел е воведување кафеави мечки на Алпите.
Жителите запалија свеќи на прозорците во знак на жалост за загинатиот млад човек, а локалните општини ги спуштија знамињата на половина копје. На погребот во селото Калдес имало многу луѓе, пишува Би-би-си.
Трагичниот инцидент на Алпите повторно ја започна дискусијата за соживотот на луѓето и дивите животни во таа област. Исто така покрена прашања за тоа како најдобро да се балансира потребата за заштита на загрозените видови со безбедноста на жителите.
Мечките се заштитен вид во Италија, а нивната популација се зголемува во последниве години поради напорите за зачувување на видот. Сепак, нивното присуство во станбени области може да претставува ризик за безбедноста на луѓето.
„Совесното управување треба да дејствува во согласност со правилата за заштита на биолошката разновидност и не треба да се води од духот на одмаздата“, се вели во нотата на Меѓународната организација за заштита на животните (ОИПА).
Видот беше повторно воведен во регионот пред околу две децении. Оттогаш, популацијата на мечки во Трентино порасна од три на приближно 100, според податоците обезбедени од покраината. И покрај надежите дека мечките ќе се шират низ Алпите, тие останаа главно концентрирани во Трентино.
Италијанскиот министер за животна средина Жилберто Пичето Фратин рече дека мечките може да се преселат во други делови на земјата, ако не и во странство. Тој рече дека локалното население може да биде опремено со солзавец.