петок, 13 декември 2024

Маск: Трудо е неподнослива будала, нема да биде уште долго на власт

Милијардерот Илон Маск вчера го нарече канадскиот премиер Џастин Трудо „неподнослива будала“ во нова објава на социјалните мрежи. „Нема да биде уште долго на власт“, ​​напиша Маск за канадскиот премиер на социјалната мрежа Икс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Маск го напиша ова како одговор на видеото во кое Трудо го опиша поразот на Камала Харис на претседателските избори во САД како неуспех за напредокот на жените.

„Тоа требаше да биде стабилен, иако понекогаш тежок пат кон напредокот. А сепак, пред само неколку недели, Соединетите Држави по втор пат одлучија да не ја изберат својата прва претседателка“, рече Трудо во говорот на гала-вечера на Икуал воис фаундејшн во Отава во вторникот вечерта.

Тој додаде дека правата на жените и напредокот на жените се „на удар, и отворено и суптилно“, и дека тој секогаш ќе биде „горд феминист“.

Маск, кој е извршен директор на Тесла и основач на вселенската компанија Спејсекс, има задача да ја води новата владина агенција на Трамп за ефикасност. Тој исто така беше истакната личност во изборната кампања на Трамп.

Вчерашната објава е најновиот удар на Маск врз канадскиот премиер откако Трамп беше реизбран во ноември. Одговарајќи на прашање од корисник што на социјалната мрежа Икс минатата недела бараше помош од Маск за да се ослободат од Трудо, Маск напиша: „Ќе го нема по следните избори“.

Најавата на Маск доаѓа во тензично време за односите меѓу Канада и САД.

Трудо се соочува со напади од Трамп на социјалните мрежи откако го посети Мар-а-Лаго пред речиси две недели за да разговара за заканата на Трамп за царините. Минатиот месец Трамп се закани дека ќе воведе царина од 25 отсто за сите канадски увозни производи на неговиот прв ден на функцијата доколку Канада не ги реши прашањата поврзани со граничната безбедност.

По тој состанок, американската мрежа Фокс њуз објави дека Трамп се пошегувал за време на вечерата во Флорида дека доколку потенцијалните царини ѝ наштетат на канадската економија, како што му рекол премиерот, Канада можеби би требало да стане 51-та американска држава.

Неколку дена подоцна, Трамп на социјалните мрежи објави слика генерирана со вештачка интелигенција на која стои покрај канадско знаме и гледа во планински венец, со натписот „Ох, Канада!“.

Во интервјуто во неделата за Ен-би-си, Трамп повторно ја спомена Канада како можна американска сојузна држава.

„Ја субвенционираме Канада со повеќе од 100 милијарди долари годишно. Го субвенционираме Мексико со речиси 300 милијарди. Не би требало – зошто ги субвенционираме овие земји?“, рече Трамп за Ен-би-си њуз. „Ако сакаме да ги субвенционираме, нека станат федерални држави“, додаде тој.

Оваа недела, Трудо рече дека Канада ќе „одговори“ доколку САД одлучат да воведат царина од 25 проценти. Федералната влада, исто така, најави дека ќе додаде повеќе персонал и опрема и ќе го зголеми присуството на границата поради заканата од царини.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ