По долго исчекување познатиот манастир доби најсовремена камбанарија благодарение на помошта на Македонците од Мала Преспа и од цела Македонија, кои живеат во Канада, информираа од Црковниот одбор.
„Тие на дарителна вечер, во февруари минатата година, организирана од македонската црква Света Недела во Канада, собраа 20 илјади канадски долари, наменети токму за манастирот и камбанаријата“, изјавија за МИА од Црковниот одбор.
Додаваат дека по обезбедените пари, во присуство на Македонци од Мала Преспа, изградбата почнала во средината на март, со благослов на корчанскиот владика Јован.
„Благодарност до нашите браќа и сестри во Канада, но и до сите кои донираа за манастирот. Нека ги прати божјиот благослов и да им даде здравје и благосотојба. Нека камбаната бие само за убави нешта. Посакуваме и среќно ново 2024 господово лето, со желби за добро здравје, мир и багосостојба“, посакуваат од одборот.
Селото Туминец е едно од деветте населени места во Мала Преспа, кое се наоѓа на самиот брег на Преспанското Езеро во близина на граничниот премин Стење-Горица и е второ село по големина, со околу 800 жители
Манастирот датира од 18 век, а обновен е во 1926 година. Лоциран е на 50-тина метри од брегот на Преспанско Езеро, локација која самата по себе му дава дополнителна убавина и привлечност.
Патрон на манастирот е Света Огнена Марина – Марена, што се слави на 30 јули, празник кој Македонците во Мала Преспа, традиционално го слават заедно и каде и да се иселени тие за овој празник се враќаат тука. Во манастирската црква се чуваат поголем дел од моштите на светицата, каде сè уште се случуваат чуда над нејзините мошти, сведочат од Црковниот одбор.
А честитки по повод Новата година денеска испрти и редакцијата на македонскиот весник Илинден од Тирана со желби „добро здравје, радост, благосотојба и успеси“.
„Почитувани, Ви благодариме на довербата која ни ја дадовте како на одговорен, непристрасен и објективен медиум, кој информира и анализира преку својата новинарска екипа за сите настани, за и околу Македонците, за случувањата во државата и пошироко, преку двете платформи на печатеното и на електронско издание“, пишува во честитката на весникот.
Се додава дека и годинава ќе продолжат со одговорната и многу значајна новинарска работа.
„Во 2024 година, ние ќе продолжиме според новинарските стандарди и етика да ве информираме навремено, објективно и од сите агли за најважните проблеми на Македонците во Република Албанија, настаните кои се случуваат во Албанија, татковината Македонија регионот и во светот“, порачува редакцијата на весникот чиј главен и одговорен уредник е Никола Ѓурѓај.
На 1 март 2011 година како двоброј (март/април) беше отпечатен првиот број на весникот, како гласило на македонското друштво Илинден од Тирана.
„Изминативе години, весникот предизвика голем интерес кај македонската читателска публика во Република Албанија, во татковината Македонија, како и меѓу македонската дијаспора во светот. Весникот Илинден дава голем придонес во евидентирањето и надминувањето на голем број прашања од интерес на Македонците во Албанија, и континуирано работи на заштита и афирмација на македонскиот етнички, јазичен и културен идентитет и националните традиции на Македонците во Албанија“, оценуваат од редакцијата.
На 18 минатиот месец излезе од печат 60.издание на весникот кој е гласило на истоименото друштво во Тирана. Од мај 2017 година весникот е со електронско издание.
Во септември истата година, е стандардизиран според меѓународните норми за печатени и електронски периодични списанија со ISSN 2522-6282 (онлајн) и ISSN 2522-4514 (печатена верзија) и е дел од двата најголеми читачи на вести и клиентска датотека во Македонија.