Претставувањето на процесот на циркуларна економија е дел од проектот за поттикнување на приватниот сектор како движечки фактор во одржливиот економски раст. Во иста насока е и примената на иновативните процеси којашто води до развој на вештини и отворање нови работни позиции. Овие активности, дел од проектот „Образование за вработување“ се поддржани од страна на М6 едукативен центар и Макстил, како една од 27-те водечки македонски компании во соработка со Швајцарската амбасада и организацијата Хелветас.
„Одржливиот економски раст доаѓа како резултат и придобивка од работењето според принципите на циркуларната економија, која што пак се темели врз примена на еколошки, општествено одговорни и иновативни практики. Во Макстил со имплементирање на иновативни технолошки процеси докажавме дека челикот не само што има клучна улога во циркуларната економија, туку произведен на одржлив начин може да биде и ‘зелен’, односно може да се користи повторно, одново да се произведува, да се рециклира и да се елиминира употребата на природните ресурси. Од ваквите производни процеси произлегува одржливоста и идниот економски раст, за компанијата, но и за индустријата во целост, затоа што начинот на работа на една компанија и производот што го пласира се одразува врз целокупната економија“, истакна Марија Дуковска-Павловска, генерална директорка на Макстил.
Швајцарската амбасада како силен поддржувач на економскиот раст, на зачувувањето на природата и рационалното управување со природните ресурси, во работата на Макстил гледа пример на иновативна и компанија насочена кон одржлива иднина.
„Развојот на вештини и иновации се од суштинско значење за поттикнување на одржливиот економски раст. Активното вклучување на приватниот сектор, особено на иновативните компании, е клучно за поттикнување на развојот на вештини кои се двигатели на економски раст и развој. Економскиот напредок мора да се усогласи со еколошката одржливост, правејќи ја циркуларната економија клучна компонента. Швајцарија стои како силен застапник и за принципите на циркуларната економија и за развој на вештини. Во соработка со различни засегнати страни, Швајцарија ја поддржува Северна Македонија во спроведувањето на практиките на циркуларна економија, подобрување на ефикасноста на ресурсите и минимизирање на отпадот. Дополнително, инвестирањето во образованието и едукација за одржливост, гарантира дека работната сила е опремена со потребните вештини за да напредува во циркуларната економија. Со давањето приоритет на образованието, младите луѓе се помогнати да развијат кариери кои се залагаат за заштита на животната средина и кои што даваат позитивен придонес за одржлива иднина“, истакна Кармен Тонисен, регионална советничка за животна средина од Швајцарската амбасада.
Стратешки партнер за спроведување на проектот „Ангажирање на приватниот сектор” е и Едукативниот центар М6 како институција која инспирира доживотно учење и развој во време на агилни промени и дигитална трансформација.
„Во рамките на овој проект М6, заедно со уште 27 компании сме двигатели на промени во општеството. Заедно развиваме и организираме обуки за средно ниво на менаџмент и преквалификација и доквалификација на работната сила во државата. Денешниот настан е во насока на нашата стратегија за поддршка на компаниите во развојот на зелени вештини кои ќе допринесат кон полесна адаптација на истите кон попродуктивно работење, влез во циркуларна економија и спроведување модерни ESG практики. Ги повикуваме и останатите компании кои сакаат да направат позитивни промени во нашето општество да се вклучат во проектот“, изјави Елена Младеновска Јеленковиќ, извршен директор на М6 Едукативен центар.