Макрон ги повика социјалистите, зелените и комунистите да „соработуваат со другите политички сили“. Притоа не спомна дека крајно левата партија Непокорена Франција (ЛФИ) која со социјалистите, зелените и комунистите ја формираа левичарската коалиција Нов народен фронт (НФП), освои најголем број места во парламентот на изборите во јули, но не и апсолутно мнозинство.
По првата серија консултации со политичките партии која почна во петокот, Макрон ја отфрли опцијата за формирање влада само „врз основа на програмите и на самите партии“ во НФП.
Левичарска влада „веднаш би ги цензурирала сите други групи застапени во националното собрание“ и „институционалната стабилност на нашата земја затоа бара да не ја избереме оваа опција“, кажа Макрон.
Лидерот на ЛФИ Мануел Бомпар веднаш го осуди „неприфатливиот антидемократски напад“.
Макрон ги повика „сите лидери да ја искористат приликата и да покажат дух на одговорност“ и додаде дека почнува „нов циклус консултации“ со партиските лидери и „лица кои имаат искуство во служба на државата и Републиката“ за Франција да добие премиер.