Во нејзината биографија поставена на истата страница наведени се повеќе пофални моменти од нејзината политичка кариера во Македонија, нејзините заложби за државата да стане дел од НАТО и значајната улога што ја имала за постигнување на Преспанскиот договор, но и за Охридскиот и Пржинскиот договор. Секако, државата од којашто доаѓа Шекеринска во нејзината официјална биографија е именувана според „политичката коректност“ поставена со Преспанскиот договор, односно со географската одредница пред името Македонија.
Во сите пофалби наведени во биографијата на новата заменичка на генералниот секретар на НАТО, додадено е и нејзиното познавање на јазиците, па се вели дека ги говори – „англискиот и францускиот јазик, како и повеќето јужнословенски јазици“. Но во биографијата на заменичката на генералниот секретар на НАТО, која доаѓа од Македонија, никаде не е забележано дека го говори мајчиниот – македонски јазик. За разлика од хиперкоректноста на НАТО-администрацијата во употребата на географската одредница пред името Македонија, кога станува збор за именувањето на македонскиот јазик некако се превидува тој член од Преспанскиот договор, со кој се потврдува неговото „легално“ постоење.
Дури и самата Шекеринска, како и сите нејзини сопартијци од Македонија, како најголема придобивка од Преспанскиот договор секогаш најгласно ги истакнуваа(т) – зачуваниот македонски јазик и идентитет.
Но на „чуден начин“, кога влезе во канцеларијата на НАТО, дури и од биографијата на Радмила Шекеринска исчезна македонскиот јазик. Се чини дека ниту со Преспанскиот договор, ниту „со врски“ преку новата заменичка-генерален секретар од Македонија – македонскиот јазик не може да влезе во НАТО!
Ј.П.