Како што пишува Нетпрес, според документите кои ги поседува, извесен Александар Ивановски со незаконски изработен документ со потпис и печат на италијанската амбасада во Скопје, на седми август, годинава, наводно добил овластување да продаде плац и објект во скопската населба Водно, кој всушност е резиденција на италијанскиот амбасадор во Македонија.
„Почитуван господине Ивановски, во врска со вашето барање од 6 август 2024 година, со кое побаравте писмена согласност од оваа амбасада за продажба на имотот што се наоѓа на улица Славејко Арсов број 146, сакаме да ве информираме дека нашата амбасада дава согласност за склучување на преддоговор за продажба на недвижен имот. Остануваме достапни и во иднина. Со почит, амбасадор Андреа Силвестри“, пишува во службениот превод на незаконски изработениот документ, пренесува НетПрес.
Сепак, италијанската амбасада успеала да го добие овој фалсификуван документ, и на петти декември годинава, упатила вербална нота до македонското Министерство за надворешни работи и надворешна трговија.
Во дипломатската нота, амбасадата на Италија информира дека „овој документ е незаконски изработен“.
„Амбасадата на Италија го упатува своето високо почитување до Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и има чест да информира, а со цел преземање на дејствија што ги сметате за најсоодветни, дека во изминатите денови дојдовме во сопственост на документот во прилог што содржи печат на амбасадата и потпис на Неговата Екселенција Андреа Силвестри, шеф на мисијата на оваа амбасада, со кое г-дин Александар Ивановски е овластен да склучи преддоговор за продажба на имотот што моментално се користи како резиденција на италијанскиот амбасадор во Северна Македонија. Со оваа вербална нота, во оваа насока му укажуваме на вашето министерство дека овој документ е незаконски изработен, бидејќи никогаш не бил изготвен од оваа амбасада и дека, исто така, бројот на протокол (протокол 915 од 7 август 2024 година) наведен во него не постои, и одговара на друг допис и има различен датум. Амбасадата на Италија, изразувајќи благодарност до Министерството за надворешни работи за љубезната соработка, ја користи оваа прилика да ми ги потврди изразите на својата највисока почит“, пишува во вербалната нота на италијанската амбасада во Македонија.
Поради тоа, на шести декември, годинава, со назнака „многу итно“, македонското Министерство за надворешни работи и надворешна трговија, за случајот испратило известување до Министерството за внатрешшни работи (Биро за јавна безбедност), до Министерството за правда, како и до Нотарската комора.
„Во прилог, за ваше информирање, постапување и натамошна надлежност, ви се доставува копија од вербална нота на Амбасадата на Италија во Скопје, со која се известува дека документот приложен кон нотата бил незаконски изработен, бидејќи никогаш не бил изготвен од Амбасадата. Станува збор за наводна согласност од страна на Амбасадата за лице именувано како г. Александар Ивановски, за склучување на преддоговор за продажба на недвижен имот што се наоѓа на улица Славејко Арсов бр. 46“, пишува во известување на Министерство за надворешни работи и надворешна трговија.