Од ЗНАМ велат дека шесте столба на новата платформа не нудат конкретни решенија и резултати, туку, како што наведуваат, остануваат на ниво на политички пораки без суштинска содржина.
Партијата потсетува дека СДСМ имала можност да ги реализира своите ветувања во периодот кога била на власт, но според нив, голем дел од шансите биле пропуштени. Во соопштението се наведува дека јавноста сè уште ги памети слоганите „Живот за сите“ и „Нема правда – нема мир“, кои, според ЗНАМ, не биле проследени со очекуваните резултати.
Во реакцијата се упатуваат критики и кон партиското раководство на СДСМ, при што се споменуваат поранешниот премиер Зоран Заев и лидерот на СДСМ Венко Филипче. Од ЗНАМ тврдат дека граѓаните не ги заборавиле контроверзиите поврзани со нивното политичко дејствување, како и неисполнетите ветувања за борба против криминалот и корупцијата.
Воедно, партијата оценува дека СДСМ сè повеќе се оддалечува од својата, како што наведуваат, државотворна улога и ја обвинува дека ги застапува бугарските наративи наместо македонските национални интереси. Во тој контекст, во соопштението се споменува и претседателот на Бугарија, Румен Радев.
Од ЗНАМ порачуваат дека граѓаните не очекуваат нови политички слогани, туку конкретни резултати, одговорност и стабилни институции. Партијата нагласува дека нејзините политики се насочени кон заштита на институционалниот интегритет, јакнење на државниот капацитет и почитување на националните интереси како предуслов за европска иднина на Македонија.






