Анализите покажуваат дека цените во земјоделството во октомври 2025 година, споредени со цените во октомври 2024 година, бележат намалување кај аутпутот, а зголемување кај инпутот.
„Цените во земјоделството во октомври 2025 година, во однос на истиот период од претходната година, се зголемени за 1.7 % кај инпутот, а намалени за 1.6 % кај аутпутот. Во делот инпут, во октомври 2025 година, во споредба со октомври 2024 година, има зголемување на цените на инпут 1 (тековно потрошени средства во земјоделството) за 1.5 % и зголемување на цените на инпут 2 (средства наменети за инвестиции во земјоделството) за 4.9 %. Во делот аутпут, во октомври 2025 година, во споредба со октомври 2024 година, цените на растителното производство се намалени за 3.2 %, а цените на добиточното производство се зголемени за 3.7 %“, наведува Државниот завод за статстика.
Во однос на откупот и продажбата на земјоделските производи во третото тримесечје од 2025 година има зголемување од 10,4 отсто од истиот период лани, и изнесува 5,2 милијарда денари .
Според Државниот завод за статистика, во третото тримесечје од 2025 година кај откупот на земјоделски производи од индивидуалните производители е забележано зголемување за 12 отсто, а кај продажбата на земјоделски производи од сопствено производство зголемување за 8,8 проценти.

Вкупното производство на шумски производи во државните шуми во третото тримесечје од 2025 година изнесува 139.342 метри кубни и во однос на третото тримесечје од 2024 година е намалено за 4,3 отсто. Како што информира Државниот завод за статистика, производството на огревно дрво е 107.866 метри кубни, а на трупци 28.946 м3.
Зголемување на шумското производство е забележано кај трупците од иглолисни видови, а намалување кај повеќето шумски производи.
Во истиот период, продажбата на шумски сортименти изнесува 145.162 метри кубни што е зголемување за еден отсто.






