Денеска, Ѓорчевски на прашање на судот кажа дека сведокот Гоце Трајковски, кој всушност ги поврзал двете возила со кои беше грабната Вања, дошол кај него во вторникот на 27.11.2023 година, а снимки од надзорните камери почнале да бараат наредниот ден, во среда 28.11.2023 година. Ѓорчевски во детали објаснуваше од каде и по кој редослед ги наоѓале и земале снимките со Трајковски и неговата сопруга, Зорица Ѓорчевска. На прашање на судијата кога сфатиле дека Вања не одела пешки, туку со автомобил стигнала до Фитнес хаус, каде ѝ се губи сигналот на телефонот, Ѓорчевски рече дека тоа веднаш им станало јасно, затоа што невозможно е за толку кратко време пешки, од времето на излегување од дома до таму каде што ѝ се губи сигналот на телефонот, да стигне до Фитнес хаус на Партизанска.
Прашан како од толку многу коли ги утврдиле токму двете сомнителни коли со кои е грабната Вања, Ѓорчевски рече дека кога го споредиле времето и дека е невозможно од дома до Фитнес хаус да стигне за десетина минути, логично било да се фокусираат на колите.
„Тоа што беше сомнително кај ‘цитроенот’ од другите коли е што возеше многу бавно и испушташе многу чад, беше замаглено и хаубата му беше замрзната“, одговори Ѓорчевски.
Прашан на која апликација пратил порака на бројот на Вања до грабнувачите, Ѓорчевски одговори дека пратил две смс пораки, можеби во 13 или 14-15 часот попладне, кога во домот на Ѓорчевски веќе биле дојдени инспекторите. Тој појасни дека не ги пратил пораките на никаква апликација, туку пратил смс. Првата порака гласела: „Ќе направиме сѐ што ќе побарате, само пуштете ја“. Подоцна се сетил и пратил уште една порака со содржина: „Од родителите“.
Со ова испрашувањето на Александар Ѓорчевски заврши, а судењето продолжува со распитот на првообвинетиот Љупчо Палевски.
Искра Опетческа