Известителката Антонета Димовска информира дека работната група извршила увид во голем број предмети за надомест на штета од мечки, како и во постапки за обезбедување докази, при што не биле утврдени неправилности во постапувањето на судиите од Основниот суд Битола. Според наодите на работната група, сите постапки биле спроведени во согласност со законските прописи, а судиите редовно излегувале на самото место и обезбедувале вешти наоди и мислења. Во извештајот се посочува дека Државното правобранителство, иако било поканувано да присуствува на увидите, не испратило свои претставници. Работната група, сепак, констатирала дека записниците што ги изготвува комисијата при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство не содржат фотографии од самото место, што остава простор за сомнежи во јавноста и можни дилеми за идентификацијата на штетите.
Димовска појасни дека работната група била формирана по повод наводите од анонимна претставка од група адвокати, во која се наведува незаконито постапување на НН-судии од Основниот суд Битола и Апелацискиот суд Битола, како и сторени и продолжени кривични дела во период од повеќе години, па сѐ до денес.
„По наводите од претставката, беше побарано и изјаснување од претседателот на Основниот суд Битола. Тоа беше разгледано на седницата и врз основа на извршените увиди и добиениот одговор од Основниот суд Битола беше утврдено дека во судот биле поднесени и заведени во АКМИС-системот голем број тужби за надомест на штета причинети од мечки, врз пчелни семејства и крави, како и голем број вонпроцесни предмети – предлози за обезбедување докази. Како подносители се јавувале физички и правни лица, а нивен законски застапник во сите предмети што ги разгледавме бил лицето Кристијан Матовски. Претставката конкретно се однесуваше на овој адвокат, меѓутоа утврдивме дека тужби биле поднесувани и од други адвокати. Сепак, конкретните наводи се однесуваа на овој адвокат од Битола во својство на полномошник на тужителите и предлагачите во постапките“, појасни таа.
Понатаму, додаде Димовска, се утврдило дека во сите предмети за обезбедување докази се јавувало исто вешто лице, кое давало наод и мислење, а тоа подоцна се користело како доказ во постапките за надомест на штета.
Во периодот од 2020 до 2025 година биле поднесени голем број предмети од ваков вид, а нивното поднесување со ист интензитет продолжило и во 2026 година. За состојбата било информирано и Државното правобранителство на Република Северна Македонија како правен застапник на државата и институција задолжена за заштита на државниот буџет.
Од страна на Државното правобранителство, со цел спречување евентуално неправилно постапување, било побарано нивен претставник да присуствува на увидите што ги врши судот, заедно со полномошникот, адвокатот и вештото лице. Сепак, Државното правобранителство не испратило свој претставник. Воедно биле поднесени и кривични пријави до Основното јавно обвинителство Битола, Министерството за внатрешни работи и СВР Битола.
Судот, нагласи Димовска, континуирано ја следел оваа појава и во предметите како доказ бил доставуван записник од надлежната комисија при подрачната единица на Министерството за земјоделство и шумарство во Битола, како и предмети во кои обезбедувањето на доказите го вршел самиот суд.
„Разликата е во тоа што комисијата, кога излегува на терен, составува записник без фотографии и друга дополнителна документација. Кога, пак, се поднесува предлог до судот, тој излегува на самото место со вешто лице и задолжително му наложува да го фотографира местото и да изготви вешт наод и мислење. Значи, судиите секогаш кога излегувале на самото место за обезбедување докази, испраќале покана до Државното правобранителство, но во ниеден случај не присуствувал нивен претставник. Барањата за обезбедување докази најчесто се поднесувале во периодот од крајот на јули до крајот на август и најверојатно во тој период се користат годишни одмори и затоа никој не доаѓал. Судот, сепак, продолжувал со работа и излегувал на самото место. Тоа се повторувало и во јануари, односно во периодот по Нова година и Божиќ, кога повторно се користат одмори и се спојуваат празниците “, рече таа.
Работната група извршила увид во предметите ВПП за обезбедување докази и утврдила дека постапката била спроведена во согласност со законските прописи. Извршен бил увид и во предметите од мала вредност формирани по поднесени тужби, каде што како докази биле користени и увидите извршени од надлежната комисија и увидите спроведени од судот во постапките за обезбедување докази. Биле извршени разговори и со судиите и тие посочиле дека биле изненадени од големиот број предмети од ваков вид. Еден од судиите изјавил: „Денес добивам предмет за обезбедување докази, а по два дена добивам нов предмет за истата работа. Гледам, нешто ми е познато. Странката ме одведе од друга страна за да ја видиме истата крава изедена од мечка“.
Можеби навистина има нешто што се случувало, рече Димовска, меѓутоа од страна на судот, како што посочи, немало никаков пропуст.
„Сега некој ќе рече дека мечките напаѓаат пчелни семејства, напаѓаат крави. Сите сме свесни од медиумите дека мечките веќе доаѓаат и во градовите. Тоа не е невообичаено. Но не може, доколку некаде постои вина, а притоа ние не знаеме дали воопшто постои вина, таа да им се припише на судиите што ја спровеле постапката. Сметаме дека имало докази, судиите ги ценеле доказите, досудиле надомест на штета и тоа е тоа. Факт е дека еден подносител на тужба се појавува десетпати. Видовме исто лице, кое се јавуваше во десет предмети. Меѓутоа, можеби десетпати претрпело штета, можеби живее на такво место. Не знам. Можеби пчеларникот не е доволно обезбеден. Меѓутоа, гледаме дека таму каде што судиите излегувале на самото место, констатирале дека пчеларникот бил обезбеден, дури и со електрична ограда со низок напон, а сепак пчелните семејства биле уништени“, изјави таа.
Поради ваквата состојба, претседателот на судот, имајќи го предвид големиот број предмети и тужби, писмено се обратил до Министерството за внатрешни работи, СВР Битола, до Основното јавно обвинителство Битола и до Државното правобранителство на Република Северна Македонија.
На прашањето до членови на комисијата зошто немаат фотографии, тие одговарале дека немаат службен апарат, ниту службен телефон, а притоа не сакале да фотографираат со приватниот телефон. Судот, додаде таа, постапувал во согласност со законот и излегувал на самото место секогаш кога е потребно.
„Во постапувањето на судиите од Основниот суд Битола по предметите не се најдени никакви неправилности. Се констатира дека отсуството на фотографии од самото место во записниците што ги изготвува комисијата при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство – Подрачна единица Битола, остава простор за сомнеж во правилноста на постапувањето во смисла на можност да се користат исто пчелно семејство, исти пчелни сандаци или исто животно во предмети на разни тужители. Ние не велиме дека комисијата го прави тоа, но во јавноста се создава таков впечаток кога не се изработуваат фотографии. Не сакам вината да ја префрлам на никого. Меѓутоа, фотографирањето е едноставна постапка што би го отстранила секој сомнеж, па навистина не гледам причина тоа да не се прави“, нагласи таа.
Членката на Советот, Сузана Јошевска-Анастасовска, предложи овој извештај да биде доставен до Обвинителство и од самиот Судски совет, бидејќи станува збор за претставка од адвокати, и до Адвокатската комора, а со оглед на тоа дека се споменува и вешто лице, и до Комората на вештаците.
Членката на Советот, Данка Ристова, изјави дека сето ова се заснова на сомнеж за што е надлежен некој друг, а не судиите, и веќе е упатено до органите надлежни за тоа.
„Јас не знам зошто судиите би се занимавале со тој дел, кој не е од нивната надлежност, упатено има сомнеж и мислам дека не можеле на друг начин да постапуват со доказите, морало да ги ценат на начин на кој што ги ценеле. Не може судиите да бидат одговори за начинот на работење на сите органи во државата“, рече таа.
Работната група предложи извештајот да биде доставен до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со препорака да се воведе задолжително фотографирање при увидите на терен, со цел да се отстранат сите евентуални сомнежи во постапувањето на надлежните комисии.
Советот на денешната седница донесе одлука за мирување на судиската функција. Станува збор за судијката Вероника Жеваировска, судијка во Основен Граѓански суд – Скопје, која побарала продолжување на мирувањето, односно продолжување на мирувањето во период од 15.8.2026 до 14.2.2027 поради продолжување на дипломатската мисија на нејзиниот сопруг надвор од државата на уште една година.






